Сите 33 обвинети за случувањата на 27 април во Собранието на Република Македонија се присутни на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, на кое треба да бидат сослушани четворица сведоци предложени од Обвинителството.
Денешното рочиште почна со сослушување на сведокот Дамјан Манчевски, а треба да сведочат и Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.
Манчевски рече дека на 27 април бил во прес-салата на Собранието заедно со Зоран Заев и други пратеници и оти кога толпата влегла во прес-центарот забележал човек со црна маица и ознаки на „хос“ кој носел оружје.
– Толпата ја проби вратата. Поголема група луѓе се упати кон нас и почна да мава со раце, стативи за камера, столици, тастатури и се што најдоа пред себе, како и со стапови од знамиња што ги носеа со себе. Видов лице со оружје. Тоа носеше црна маица со ознаки на хос без коса и со брада во тој момент, рече Манчевски.
Во неколку наврати, појасни Манчевски, можев да видам дека лицето посегнува по задниот дел од пантолоните и во рацете го држи оружјето.
– Никогаш не го извади во целост, но постојано додека траеше настанот добивавме закани дека ќе бидеме убиени, што мене лично ми ја покажува намерата на целата група, сведочеше Манчевски, додавајќи дека човекот со оружје ни бил толку активен како останатите, но оти цело време бил фокусиран со погледот кон Заев.
Рече дека имал впечаток оти и други лица носат оружје, но оти не видел друго лице со оружје.
Манчевски сведочеше дека постојано добивале закани по живот и дека ќе ги убијат оти ја продале државата и дека се предавници.
Пред судот Манчевски кажа дека добил удар со бокс во пределот на носот и оти носот му бил скршен. Постојано добивал шамари и удари со статив од камера и чадор којшто потоа го откупил од лицето што го удирало за 1.000 денари.
– Откако Зијадин Села падна и ја прославија победата, толпата почна да прави јажиња од каблите од опремата за да не бесат, рече Манчевски.
Кажа дека никој од собраниското обезбедување не се обидел да ги однесе на побезбедно место додека траел настанот.
Прашан како се однесувало собраниското обезбедување, Манчевски кажа дека чул како шефот на собраниското обезбедување телефонски се обидува да добие некој, но потоа неговиот коментар бил „оставени сме сами”.
Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие на претходното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.