Дали спомениците од „Скопје 2014“ се плагијати на познати скулптури од светските плоштади!?

by Фокус

Текстот е објавен на 14-ти август 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 737

Пишувала
Љубица ГРОЗДАНОВСКА ДИМИШКОВСКА

„Бикот”, „Просјакот”, „Заљубени”, „Дрво”, „Музичари”, се неколкуте скулптури во Скопје кои може да се видат и во други градови во Европа и во САД. Или, пак, во градови во Европа и во САД може да се видат скулптури како нашиве. Тоа и не е толку важно. Важна е забележителната сличност помеѓу нашите и скулптурите низ светот до тој степен што добивате впечаток дека ги правел еден ист автор.

Потполно идентична или со мали измени, но со задржана главна тема и стил, на пример е скулптурата на „Бикот”, асоцијација за њујоршката берза и како нашиов, само поголем и поразјарен која се наоѓа пред Вол стрит. Нашиот, пак, се наоѓа на улицата „Македонија”, поставен во споредна уличка, меѓу згради и прометни објекти во близина.

„Просјакот”, како скулптура е поставена на неколку најважни места во Отава, Канада. Кај нас ја има на улица „Македонија”, повторно помеѓу прометни објекти. „Дрво” е скулптурата која што во Скопје се наоѓа во непосредна близина на Камениот мост. „Прегратка на шумски духови”, пак, е скулптурата на една американска самоука уметничка од Питсбург која во голема мера има сличности со нашето „дрво”.

Или можеби нашите скулптури имаат сличности со странските?! Скулптурата „Музичари” повеќе или помалку ја има во многу земји, но сличноста помеѓу сите вакви скулптури е очигледна. Разликата е во тоа што странските автори ги поставуваат своите дела во простор каде што најчесто се одржуваат музички настани, со цел скулптурата да го обележи просторот и на граѓаните да им даде асоцијација дека тој простор е резервиран за музика, за забава, за дружење.

Автор на „Бикот” пред њујоршката берза е Артуро Ди Модика, а тој таму е поставен во 1989 година. Оттогаш досега, берзата ја препознаваат преку бикот и обратно. Скулптурата „Просјак” во Отава, Канада е дело на Тимоти Шмалц. Таа е поставена минатата година и тоа според авторот, на неколку значајни места за нацијата – пред познатата црква Св. Ендрју Презвитерски, покрај Националната банка, спроти Врховниот суд, како и во близина на Парламентот. За ова дело авторот напишал:

– Оваа скулптура е единствен приказ на Исус Христос во главниот град на нацијата создадена од христијанството.

Скулптурата „Прегратка – духовите на природата”, кај нас позната како „Дрво” е дело на самоука уметничка од САД – Рејчел Дирена. Конкретно, скулптурата „Прегратка” таа ја има направено во декември 2007 година. Таа своите дела ги изработувала претежно од хартија.

Поставувајќи ги фактите на маса, истражувајќи на Интернет, како и објавувајќи ги фотографиите на скулптурите „близначки” и водејќи се од паролата „една слика заменува 1.000 зборови”, „Фокус” се сврте кон познавачите на вајарската уметност кај нас со цел да се разјасни нишката на сличности.

СКУЛПТУРИ КОИ СЕ ГУШАТ МЕЃУ СЕБЕ И СЛУЖАТ ЗА СОПНУВАЊЕ

Во Скопје досега се поставени четириесетина амбиентални скулптури и тоа сите се во строгиот центар на градот, претежно на најфреквентните места како улицата „Македонија”, вдолж и попреку, како и кејот на Вардар. Владиниот проект за поставување скулптури е замислен за во наредните две-три години, во Скопје да има околу 300 скулптури.

Кога го најави овој владин проект Министерството за култура истакна дека на конкурсот за идејни решенија за амбиентални скулптури ќе им се даде шанса на помладите автори и дека критериуми на проектот се оригиналноста, иновативноста, постигнатите квалитети во рамнотежа со околниот амбиент и видот, карактеристиките и својственоста на применетите материјали. Авторите добија по 30 илјади денари за идејното решение и пари од ресорот за изработка на делата.

– Ќе се соочиме со содржина која ќе внесе нов и свеж квалитет во културното секојдневие, кој и едукативно ќе се обрати кон граѓаните. Сериозноста на авторите гарантира дека ќе бидат поставени современи и квалитетни скулптури, објекти кои Скопје ќе го стават во редот на метрополите. Урбаната скулптура е феномен кој го среќаваме во сите светски метрополи, Париз, Лондон, Виена, Њујорк, а со тоа скулптурата станува симбол на препознатливост, изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на промоцијата на овој владин проект.

Познавачите на скулптурната уметност во земјава, врвни уметници, критичари и историчари на уметноста се согласуваат со фактот дека после 40-ина години ова е првата идеја Скопје да се збогати со скулптури. Она што за нив е спорно е тоа што сите дела се ставени во центарот на градот, што предизвикува скулптурите да не дојдат до израз и да пречат во претходно неиспланираниот простор. Но, креваат рамења кога и тие, со нивните усовршени сетила ги забележуваат слочностите на дел од скулптурите во Скопје со дела во Европа и во светот.

– Во уметноста не е исклучено нешто да се преземе, но авторите најверојатно немале искуство, знаење и време како поинаку да ја изведат веќе постоечката идеја, коментираат уметници и критичари на уметноста.

Владимир Величковски, професор по современа уметност, историчар на уметноста, долгогодишен критичар и автор на првата книга „Македонската современа скулптура”, се согласува со ставот дека „консултирањето” и „позајмувањето” на идеи во уметноста не е нешто невообичаено. За нашите скулптури ќе каже:

– Јасно ми е дека младите автори работат за шанса и дека сакаат да ја грабнат шансата кога ќе им се укаже. Но, уште кога скулптурите беа макети, кажав дека повеќето од нив не даваат надеж. Ама мене никој не ме прашал. Дел од авторите, кои се и мои студенти, на нивна иницијатива ме викаат да ги советувам или да им укажам каде грешат, со цел да бидат подобри и поинвентивни. Вака, залудно е отпосле да укажувам на грешки, коментира Величковски.

За него добра е идејата што после неколку децении почнаа да се поставуваат скулптури во Скопје. Но, сепак, смета дека тоа требало да се направи стратешки, аналитички и со усул.

– За некои работи не сме подготвени, но мораше да се влезе во ваков проект бидејќи ваков вајарски бум немало во целата наша вајарска уметност. Но, секогаш излегува дека реагирам пост-фестум и не сум одговорен за нечии грешки. Одговорноста ја имаат нарачателите на скулптурите, тие што ги избрале, но и авторите. Ние немаме скулптури со кои граѓаните би се идентификувале, како на пример белграѓаните или загрепчаните. Белграѓаните велат: ќе се најдеме „под опашот на коњаникот”, а загрепчаните „кај бан Јелачиќ”. Ние што велиме: ќе се најдеме кај шмизлата? Нашите скулптури сепак имаат некаква функција, а таа е дека граѓаните сакаат да се сликаат со нив, вели Величковски.

Она на што Величковски забележува е дека делата се поставени многу блиску едно до друго и во така вообичаената мешаница во центарот на градот, тие служат за „сопнување”.

Дека амбиенталните скулптури не се добро испланирани во амбинетот на Скопје посочува и еден од најпознатите уметници во Македонија, Милош Коџоман. И тој се согласува со ставот дека после неколку децении почнало да се обрнува внимание на уметноста, но тој има повеќе забелешки за (не)испланираното поставување на скулптурите.

– Не е благородно да зборувам за делата на младите автори бидејќи сметам дека после 40 години тие добија шанса да создаваат. Порано, во времето на социјализмот, не беше доволено уметник кој само што завршил академија да направи скулптура. Таа привилегија ја имаа само постарите и поискусни вајари. Барем од тој аспект, проектот е за поздравување. Она што пречи е тоа што дали поради суетата на уметниците или не знам од кои причини, сите скулптури ги ставија на едно место – во центарот на градот. И нормално дека тие ќе се гушат. Уште поголема грешка е што на младите автори никој не им укажа дека не е можно сѐ да биде во строгиот центар – забележува Коџоман.

Тој смета дека причина за пропустите е немањето континуитет на творештвата во областа на уметноста.

ОДГОВОРНОСТА Е КАЈ АВТОРИТЕ

Лицата надлежни за избор на решенијата за скулптури се видно изненадени од фактот дека дел од поставените скулптури многу наликуваат на скулптурите на странските автори. Претседателот на комисијата за избор на решенијата, професорот од Архитектонскиот факултет во Скопје Митко Хаџи-Пуља вели дека одговорноста за тоа треба да се бара кај авторите.

– Условите во конкурсот беа јасни. Скулптурите требаше и треба да бидат оригинални и иновативни. Ако има поклопувања со скулптури на странски уметници, одговорноста треба да се бара кај авторите на делата, вели Хаџи-Пуља.

За самиот конкурс, како и за критериумите каде да се постават скулптурите, во интервју за дневниот весник „Утрински весник”, скулпторот Гоце Наневски, член на комисијата за избор на најдобрите решенија, вели:

– На секој конкурс па и на овој, за скулптурите во централното градско подрачје, супстанцијален критериум беше квалитетот. Квалитетот е начелото по кое се водеше Комисијата, а и јас како нејзин член. Тука ситуацијата е кристално чиста и јасна. Се работи за конкурс кој се обраќа на една целна група на автори што се во зачетокот на својот креативен живот и им е дадена шанса нешто да направат. Комисијата немала мандат да одлучува за нивното поставување во просторот, и дека само одбрала дел од понудените решенија, ќе каже Наневски за „Утрински весник”.

На прашањето како ја оценува поставеноста на 15-те скулптури во јавниот простор, тој вели:

– Тука се разви една гласна полемика која во принцип се водеше по принципот на комуникација на наглуви, преку расипан телефон и тоа на два различни неразбирливи јазици… Имам чувство дека некој сака намерно да фрли сенка на работата која и тој самиот никогаш досега не ја сработил, на поставувањето скулптури во урбан простор. Но, да бидам попрецизен, секој од нас знае дека поставувањето на некаков ликовен проект или изложба во простор, отвора прашања и проблеми кои и по силна авторска концентрација, знаат да се наметнат и да ја поместат првично воспоставената идеја.

Играњето со просторот е игра условена и со факторот време, и тука нема ништо ново и страшно. Дислоцирањето на скулптурите во име на доловување на амбиент, не е ниту тешка, ниту скапа работа. Но, прво нели треба да се дозволи и иницијално да се види како тоа првично ќе функционира. Во крајна линија, во светот се практикува поставување скулптури по принципот на изнајмување, една скулптура на извесна локација стои извесен период и потоа ја нема, или ја има на сосема друга локација.

ВО БЕЛГРАД ПРВО БАРААТ ЛОКАЦИИ, ПОТОА ПОСТАВУВААТ СКУЛПТУРИ

Во Србија, градските власти на Белград покренале иницијатива за „освежување” на метрополата со скулптури. Градот избрал десет уметници, а треба на јавен конкурс да се изберат уште пет. Секретаријатот за култура со години имал идеја да го поттикне уметничкото творење, а со тоа и да го разубави градот. Белграѓаните сакале градот да им заличи на светска метропола, а Барселона е една од градовите кои белградските власти го посочуваат. Градот планира скулптурите да ги постави на улици, плоштади, како и во градските паркови.

Пет автори биле одбрани преку анкета спроведена помеѓу историчари на уметност, ликовни критичари и новинари. Другите пет автори ги избрала комисија која била составена специјално за оваа намена. Локациите за тоа каде ќе се поставуваат скулптурите биле утврдени со помош на градскиот архитект, така што после тоа комисијата дала предлози кое дело каде ќе биде поставено.

– Најделикатната работа на комисијата е изборот на простор. Важно е да се избере улица, плоштад или парк каде скулптурите ќе имаат полно дејство и каде како визуелно дело ќе им бидат достапни на што поголем број граѓани, вели Чедомир Васиќ, сликар, ректор на Универзитетот за уметност во Белград и претседател на комисијата за избор на идејните решенија.

Според него, откако ќе бидат избрани локациите, ќе распишат конкурс за идејни решенија за скулптури.

НИ ФАЛАТ ЏОНИ ВАЈСМИЛЕР (ТАРЗАН) И ВЕ-ЦЕ ШОЛЈАТА

Инвентивноста и оригиналноста на делата беше јасно посочен критериум на конкурсот наменет за младите автори. Не потценувајќи го трудот и успехот да се пробијат на конкурсот, како и успехот нивните дела да бидат поставени во централното градско подрачје, а земајќи ги предвид фотографиите на скулптурите на странските автори, очигледно е дека кај некои од нив фалела оригиналноста и инвентивноста.

Ајде, да прифатиме дека е нормално да се „консултираат” идејни решенија на други домашни и странски уметници со цел да се добие инспирација, друга, подобра идеја, но да се преземе идејата во најголем дел, едноставно не е дозволиво. Во странство за вакво нешто кривично се одговара повикувајќи се на законите за заштита на авторските права. Оттука, ако живееме во политичка и економска изолација, не значи дека живееме и во информатичка. Ако денес преку Интернет сме дознале за ваква „утка” како ќе им објасниме на канадски гости на посета во Скопје дека нашево дело не е исто со нивното?!

Вистина. За поздравување е идејата да се поставуваат скулптури во Скопје. Можеби чудно ни е што наеднаш, во краток период се поставуваат многу скулптури, но со тек на време граѓаните и ќе се навикнат. Можеби, како што вели критичарот Величковски, ни фалело малку игра во просторот и живост во нашето секојдневие, па единствената спојка со делата е тоа што граѓаните обожуваат да се сликаат со „Бикот” со „ Шмизлата” со „Мачката” итн.

Вистина е и тоа дека досега немаме некоја скулптура со која би се идентификувале како граѓани на Скопје или на Македонија (освен, да речеме, скулптурата на играорците на Тешкото, поставена повторно на улица „Македонија” во близина на куќата на Мајка Тереза), ама тоа не е тоа. И ако треба да се идентификуваме со скулптурите, тогаш утната е идејата зашто дел од делата веќе си имаат свои цели. Така, Канаѓаните се идентификуваат со „Просјакот”, зашто авторот стриктно ја кажал целта на делото – дека народот е дело на христијанството.

Не може да се идентификуваме ниту со бикот, зашто тој е синоним за Вол стрит (барем веќе ако копираме, да го ставевме пред Македонската берза). Со „Дрвото” исто така. Тоа е веќе направено во САД. Само насловот на темата е различен. За тоа како, каде и зошто се поставени скулптурите не навлегувам, ниту сакам да дискутирам, не посебно по информацијата дека во Скопје, како и во сите градови во земјава укината е функцијата главен градски архитект. И лаик, да речеме, знае дека големи скулптури се поставуваат на поголеми површини, а дека и какви да се, мора да се вклопат во амбиентот.

Ако сакаме да направиме нешто, нека одземе подолго време, ама барем да го направиме како што треба. Факт е дека од желба да се освежиме естетски и да се издигнеме уметнички, од брзање и трчање по крајни рокови и по шанси што живот значат, се прават грешки, ама верувам никако не и реплики. А, уште помалку скулптури колку да се рече дека ги има. Сѐ додека постојат идеи како шолјата на улица Македонија (која што беше експресно тргната) и скулптура на Џони Вајсмилер – Тарзан (идеја на поранешниот градоначалник на скопската општина Кисела Вода, Џорџе Арсов) критериумите за оригиналност и за креативност да се избришат од конкурсите. Во меѓувреме останува да се фотографираме со нашите скулптури, а за некое подобро време на скулптури на кои ќе им се восхитуваме и ќе се идентификуваме – ќе почекаме.

Поврзани новости