Да не беше голем новинар, Младенов ќе беше голем актер

by Фокус 11:08
11:08

Текстот е објавен на 29 март 2013 година во неделникот „Фокус“. 

- Advertising -

Пишува
Анета РИСТЕСКА

„Никола не случајно играше во претстави за ослободување. Тоа беше најава за него како голем борец за слобода. Сакаше држава ослободена од глупоста, од арамилакот, неправдата”.

Со ваков сегмент во своето обраќање на комеморацијата, Синиша Станковиќ, долгогодишниот колега на доајенот на македонското новинарство, ја потсети уште еднаш јавноста дека Никола Младенов во своите средношколски денови негувал и посебна љубов кон божицата Талија.

Уште тогаш, како што раскажуваат неговите пријатели, великанот на македонското перо, покажувал неверојатна амбиција и успешност на штиците, за кои се вели – живот значат.

„Да не станеше голем новинар, сигурно ќе беше голем актер”, откриваат сите оние кои го познаваат од времето додека Младенов бил присутен на драмските сетови.

Но, исклучително надежниот актер, подоцна решава својот стремеж за бескомпромисна слобода, покрај уметноста, да го преточи низ борбеното, револуционерно, вистинољубиво и остроумно перо. Сепак, маркантноста и аурата – останаа, велат неговите блиски. Но, и безрезервната потреба за летање со ширум отворени крилја, дишење со полни гради, и размислување без какви било пранги.

Несудениот актер, а храбриот и бескомпромисен предвесник на македонската медиумска пролет, храбриот и луциден интелект, ги растажи најблиските, колегите, пријателите, токму на Светскиот ден на театарот.

Човекот кој најпрво стоеше зад микрофонот на Радио Скопје (РС) и изговараше туѓи зборови во радио драмите, подоцна имаше можност да заигра и во вистински улоги на сцена. За тоа време низ солзи се присетува Софија Гогова-Врчаковска, која била одговорна за драмската програма на Македонското радио, Радио Скопје.

– Не можам да го заборавам нашиот Никола од тоа време. Почна во радиодрамата „Големиот син”, и беше неверојатно талентиран. Уште во своите први актерски креации го достигна својот зенит. Освен во радиодрамите за деца и возрасни, беше дел и од многу образовни емисии, телевизиски драми и серии, каде што секогаш беше меѓу најголемите. Уште како дете-актер, Слободан Унковски го ангажираше во претстава, па следуваше серијата „Наши години” каде што заедно со Горан Михајловски ги играа главните улоги, и уште многу, многу трајни белези во трезорот на Македонската радио-телевизија. За мене ќе остане како еден од најталентираните и личности со многу дарби. Секогаш бунтовник, но со причина. Тој навистина беше нашиот голем син. Револуционерен и пред времето со сите свои идеи. Нашиот Николче! Се сеќавам откако заврши средно се двоумеше дали да продолжи да се занимава со актерство, или да продолжи на Правниот факултет. Му велевме, па ти одигра сѐ, и нема што повеќе да учиш… се навраќа Гогова Врчаковска на младите години на Младенов, и најавува дека токму во негова чест во недела, точно на пладне, Радио Скопје ќе ја емитува драмата „Големиот син” од Томе Боградовски, каде главната улога ја игра токму Никола Младенов.

goran mihajlovskiНа деновите на снимањето на „Наши години”, по текст на Горан Стефановски, а музика на „Леб и сол”, со задоволство се присетува и неговиот соученик, а подоцна и колега по перо, новинарот Горан Михајловски. Животот ги споил во гимназијата „Никола Карев”, каде што се погодиле во ист клас, а таму и тогаш се случил кастингот каде и двајцата биле одбрани да бидат дел од драмската серија на ТВ Скопје, (1979 година).

– Другарувавме, ем на часови, ем на сетови. Серијата се снимаше во Битола и во Куманово, и речиси цело полугодие не одевме на училиште. Се однесувавме како деца-ѕвезди, зошто така и нѐ третираа, како актери. Никола, пак, имаше еден посебен шарм, аура, со која секогаш успеваше за нешто да се извлече пред наставниците. Неговата насмевка, талент за глума, луцидност и шармантна импровизација беа магнет за сите околу него – се присетува Михајловски.

Бевме слични во многу нешта, но, и многу различни, вели тој.

– Иако школски другари, животот не одведе на различни страни, и секогаш имавме некоја пристојна дистанца. Но, полна со почит. Се доживуваме и како колеги, но, и како фер-плеј конкуренција. Иако не се дружевме интензивно, Никола знаеше да влезе во мојата душа и да разбере како се чувствувам за многу нешта. Не бевме премногу блиски, а имавме чудно меѓусебно разбирање. Ме бранеше до последен момент, од многу напади, иако бевме лута конкуренција. Јас за жал, не успеав да се заблагодарам – споделува искрено Михајловски.

Никола Младенов многумина го паметат и како најмладиот борец во претставата „Ослободување на Скопје” на режисерот Слободан Унковски, постановка која носи една современа и исклучителна слика за Втората светска војна видена од периферија, низ очите на децата. Борецот Младенов со своето актерско мајсторство успеал да го одземе здивот на сите кои го следеле престижниот фестивал во Сараево, „МЕСС”, кога и ја освоил и наградата „Златен ловоров венец” за најдобро актерско остварување.

На тие моменти, во втората половина на 1970-те години, јасно се присетува и режисерот Унковски.

– Детската поделба ни се климаше, па двапати ги сменивме децата што играа, се додека не се најде една нова група од детската радиодрама, со кои сите бевме воодушевени. Се појави едно дете, со очила 12-13 години старо, со продорни очи, со една радосна брбливост, со една зрелост неадекватна за возраста. Така, Николче заигра главна улога во мојата претстава, лесно, уверливо, точно, и потресно. Останатите актери го обожуваа, беше слободен, секогаш весел, и сите постојано бевме на штрек, зошто не се знаеше што ќе изведе и како ќе се шегува. Мајда Тушар, Снежана Стамеска, Нада Гешоска, Мето Јовановски, Ацо Јовановски, Марин Бабиќ беа искрено фасцинирани од неговата автентична енергија, сериозност и способност да биде самоироничен и критичен кон упатствата што ги добиваше од мене. Таа претстава некако не врза засекогаш. На „МЕСС” во Сараево, тој беше главната ѕвезда, сите го фалеа, се пишуваа есеи за играта на децата, а особено за Николче – ни раскажува Унко.

И кога поминале неколку години, кога дошло време да се студира, Младенов се појавил кај професорот да се консултира што би требало да подготви за да се запише на Факултетот за драмски уметности. 

– Му одговорив дека претпоставувам после се што одиграл во театар и на тв, дека всушност, на некој начин, положил приемен… Не го примија, заради него, или заради мене, не се знае. Но, тој откако виде дека тука не го сакаат, замина во друга област и крваво борејќи се, го пробиваше својот пат кон „Млад борец”, и сѐ што следуваше потоа. Од денешна перспектива вака набројувајќи, сѐ изгледа едноставно и лесно, логично, и како да било само тоа можниот правец. Читајќи ги текстовите што тој самиот ги пишуваше, или, оние што имаше храброст да ги објави, тој, уште тогаш, ни покажуваше што е храброст и каде е правецот на слободата. Ни ги ширеше очите. И срцата ни трепереа од неговата решителност да ги допре недопирливите, да ги урне сите табуа, и да покаже дека вистината му е единствената идеологија – споделува нашиот познат режисер.

Иако, вели, на некој начин, се чувствувал како негов таен татко, советник, а не се гледале често, „Фокус” на неколкупати и него го поткачил, и тоа без пардон.

– Тоа само говореше за слободата на оние што пишуваа внатре. Сега седам во Љубљана и размислувам како некако се затвори еден цел круг со неговата смрт. Тој беше еден од предводниците на демократските процеси, и загина во деновите кога нашата нова демократија умира, а нашата кревка држава тектонски пука по сите шевови. Можеби никогаш нема да се дознае дали е ова само обична сообраќајна несреќа или нешто друго, не смееме да заборавиме дека со неговата смрт убиена е слободата на јавниот збор, на критичкото мислење, и, претпоставувам, последната оаза на македонското новинарство. Македонија треба да жали заради неговото заминување, а треба да жали и заради самата себе, зошто се плашам дека е сега оставена сама на себе, а себе се има изгубено одамна. И дефинитивно. За жал, немаме кого да прашаме што ќе биде понатаму, нашиот пасиониран аналитичар мораше да замине – ни рече Унковски од Љубљана.

Неговата кратка актерска кариера ја забележала и прилично педантната филмска он-лајн енциклопедија ИМБД.

Младенов допрва ќе и’ недостасува на Македонија

Своите сеќавања за големиот новинар и уредник, Никола Младенов, без задршка, со многу емоции, ги споделува и неговата пријателка, Верица Андрееска, од „Старовски”, бенд кој низ своите дела ја афирмира македонската поезија и музика.

– Со Никола се запознавме пред 13 години, кога, благодарение на неговата апсолутна верба дека светот, а во нашиот случај државата, може да ја промени секој од нас, ако работи доволно напорно, доволно упорно и со доволно љубов, заеднички почнавме една убава иницијатива. Заедно и излеговме од таа иницијатива, но не престанавме, секој на свој начин, да се бори за подобар живот. Од него научив многу, а особено научив дека сѐ зависи од секој од нас, дека сѐ почнува од нас самите. Дека не треба да се откажуваш, дури и ако изгледа дека целиот свет е против тебе. Тој го правеше тоа до последниот ден. Многу луѓе изгубија пријател, но Македонија изгуби голем човек, кој допрва ќе ѝ недостасува – вели Андреевска.

Поврзани новости