Дали Софија Куновска и Бени Шаќири ќе влезат во трка за скопски градоначалник?

by Фокус

Политичари, бизнисмени, естрадни уметници и лица од други сфери на општественото живеење уште отсега планираат независни кандидатури за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори, што треба да се одржат кон крајот на годинава.

Како што објави последниот број на неделникот Фокус, во изборната трка за скопски градоначалник размислува да се вклучи Софија Куновска, која порано беше републичка пратеничка и советничка во Градот, а извесен период ја водеше и скопската организација на СДСМ.

Притоа, потенцијалната кандидатура на Куновска се поврзува и со советничка листа, на која би се нашле и членови од владејачката партија што се незадоволни од начиот како се води партијата и се практикува власта. Во однос на нашето прашање дали е точно дека планира да се кандидира за градоначалник на Скопје, Куновска одговори: „Кога ќе биде време, ќе ви се обратам, благодарам за интересот“.

Во врска со истото прашање, одговор не добивме од Бени Шакири, кој, според неофицијални информации, исто така имал амбиција да влезе во изборниот натпревар за прв човек на метрополата. Дури, дознаваме дека тој остварил и одредени разговори со претставници на неколку политички партии, во контекст на евентуална поддршка на неговата кандидатура.

И поранешниот скопски градоначалник Трифун Костовски не ја исклучува можноста повторно да се кандидира за скопски градоначалник. Меѓутоа, како што ни изјави тој, неговите амбиции се поголеми, посочувајќи дека размислува да побара поддршка и за премиерската позиција.

Целиот текст за можните кандидатури на претстојните локални избори прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости