Текстот е објавен на 20 ноември 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 751
Пишувал
Стојан АНДОВ
Кога денес, луѓето со искуство, се зафаќаат да пишуваат за сериозни и тешки теми, треба да имаат за цел да им помогнат на младите политичари поточно да ги осознаат реалните процеси и настани од блиското минато, да ги согледаат во нив силните стремежи и потреби на народот, но и да ги уочат силите што им ставале сопки и настојувале да ги пренасочат историските текови.
Ако не се тргнат барем поголем дел од маглите, што тие сили ги расеаја, младите политичари ќе имаат неточна, лажна претстава за нашето блиско минато, и не ќе можат правилно да ги насочат своите напори за да постигнат максимално поволни резултати за државата и за граѓаните. Еден унгарски мислител неодамна предупреди дека и во земјите каде формално, економски и политички, се излегло од транзицијата (станале полноправни членки на НАТО и ЕУ), нејасната свест и заматените претстави кај младите политичари за блиското минато, можат да бидат причина за ретроградни стремежи и движења.
А дел од младите политичари, пак, се идентификуваат со демократската левица, други со демократската десница, а некои со политичкиот центар. Притоа, ним им се сервира, како вистинита во наши услови, македонската левица или десница.
Сигурно е дека добар дел од припадниците на партиите што се рекламираат како леви или како десни, искрено сакаат нивната партија да биде токму така профилирана, како што пишува во нејзината програма. Но сведоци сме, не само во Република Македонија, туку и во другите земји во транзиција, партиите да се определуваат како леви или како десни, а водат речиси иста политика, без оглед на својата прогласена идеологија.
Најчесто причините за таа политика и нејзините цели, немаат врска со ниту една идеологија, туку претставуваат дива страст за лично богатење, а за тоа да биде посигурно, тие создаваат слој богати луѓе, блиски до својата партија. Притоа нивното богатење не се поклопува истовремено со зголемување на богатството на државата и општеството, туку претставува озаконет, див грабеж од веќе создаденото од повеќе генерации пред нив.
А како противтежа на концентрацијата на богатството кај помал број луѓе и семејства, која се остварува главно по незаконит пат, брзо се шири кругот на сиромаштијата меѓу граѓаните и семејствата во земјата. Таа политика економски е јалова, а социјално води кон несовладливи противречности.
ПОРТРЕТИРАЊЕ НА АЛБАНЦИТЕ
Имајќи го во вид тоа, младите луѓе чии благородни мотиви не треба да се оспоруваат, кога идеолошки се определуваат, треба да знаат дека идеологијата во нашата земја сѐ уште најчесто е само фразеологија за наивните. Таа сѐ уште не е основа за создавање и придржување кон новите вредности, испробани и докажани во земјите со развиена демократија.
Кај нас сѐ уште постојат опасности од активност врз основа на стари изживеани проекти, но прикривани зад некој идеолошки модел. Таа околност носи опасност од задржување на континуитетот на дејствување на силите што Македонија во поблиското минато ја водеа сѐ подлабоко во зоните на конфликтноста, како со соседите, така и на внатрешен план. Инаку, тие сили знаеја вешто да маневрираат и да обезбедуваат континуитет во своето дејствување, без оглед на промените на партиите што се редеа на власт и на нивните различно декларирани идеологии.
Тие сили во Република Македонија поттикнуваа модел на македонски национализам, спротивставен внатре во земјата кон Албанците, а на надворешен план како кон Албанците на Косово и Албанија, така и кон Бугарите и Бугарија и кон Грците и Грција. Тие сили се потпираа на мачното и трагично искуство на Македонците во историјата до паѓањето на Берлинскиот ѕид, и на остатоците од тоа искуство во периодот на транзицијата. Но, тие сили го користеа тоа искуство за да ги затворат сите хоризонти кон иднината, да ги попречат чувствата и барањата на Македонците, за новата стварност што се создава во Европа после паѓањето на Берлинскиот ѕид.
Типичен пример за ова е делувањето на силите што беа под влијание на политиката на Слободан Милошевиќ, и всушност, служеа во Македонија да ги остваруваат целите на таа политика. Во таа смисла овде ќе се задржам само на два примери.
На почетокот од 1993 година нашата земја ја потресе аферата со т.н. „Албанска паравојска“. Беа објавени откритија на нашите државни органи дека во Македонија, во кусиот период од осамостојувањето, од страна на Албанците е создадена комплетна тајна мрежа за формирање паралелна војска со државната.
Јавноста прво беше вџашена од тоа откритие, а потоа хорски се бараше одговорност и пресметка со инволвираните во таа подривачка активност. Кај Македонците целиот тој настан предизвика продлабочување на недовербата кон Албанците, стравот, а зошто да не и омразата кон нив.
Тоа расположение најде основа во вестите што во Македонија интензивно доаѓаа две години порано, дека некаде во Северна Албанија е одржан сеалбански собир на политичките партии и организации на Албанците и дека таму се барало создавање посебна албанска држава што ќе ги зафати сите територии од СФРЈ во кои живеат Албанци.
Тоа барање во македонската јавност се доживеа како непосредна закана за територијалниот интегритет и опстанокот на нашата држава. Притоа не доби гласност цврстата политика на Ибрахим Ругова во тој период, која однесе превага над сите радикални струи и албанскиот национализам го насочи само во борбата за Косово да добие статус како сите други републики и доколку тие станат независни држави, тоа да му биде овозможено и на Косово.
Во Македонија таа политика ги насочи Албанците да бараат поголеми малцински права, со тоа што ќе добијат статус на конститутивен фактор на државата. Но, тоа е пошироката слика. Случајот со „паравојската“ ги замагли сите тие настојувања и ограничувања на дејството на албанскиот фактор во Македонија, и Албанците во свеста на Македонците беа уште поцврсто фиксирани како фактор на закана за државата.
МИЛОШЕВИЌ ЈА НАЈАВИ АФЕРАТА
Во целата таа работа мал број луѓе забележаа еден чуден факт, иако сите го видоа и слушнаа. Имено, три дена пред нашите државни органи да ѝ соопштат на јавноста дека откриле постоење на Албанска паравојска во Македонија, во еден свој настап на Црногорската телевизија, Слободан Милошевиќ објави дека во Македонија тие денови ќе биде откриена и оневозможена тајна Албанска паравојска. Тој факт предизвика сомневање дека целата работа околу паравојската течела во тесна соработка меѓу македонските тајни служби и тие на Милошевиќ.
Во известувањата за случајот „паравојска“ некако се пробија и „несакани вести“. Некои од обвинетите почнаа да откриваат дека воопшто не станува збор за тајна паравојска туку за договори кои се правени во времето на Владата на Никола Кљусев, меѓу нејзини претставници и истакнати резервни офицери или други членови на ПДП, за создавање на селски стражи кои ќе имаат задача да го набљудуваат теренот, и при првите сознанија за упад на непознати вооружени лица, да ја известуваат првата полициска станица.
Без оглед на тие искази, истражните органи, органите на прогонот и судовите гонеа и санкционираа голем број Албанци, меѓу нив и функционери на ПДП. Јавноста поголем број од нив ги познаваше како активни учесници во политичкиот живот на земјата, а пак дел од нив, каде припаѓаше и Митхат Емини, дотогашен генерален секретар на ПДП, се покажаа како толерантни, умерени и мудри политичари. Сеедно, аферата остана матна, а Митхат Емини, кој помогна мирно и безболно да се мине низ повеќе ризични и запалливи настани, беше осуден на казна затвор. Поради учеството во формирањето на паравојската ја одлежа казната, што сигурно влијаеше да му се влоши здравствената состојба, а потоа, во најубавите години од својот живот, почина.
Овој случај покажа дека владите во Македонија можат да се менуваат, ама која и да е од нив на власт, може да биде искористена како политичко и законско покритие за обезбедување континуитет на политиката на Милошевиќ во нашата земја, политика на продлабочување на спротивностите и недовербата во меѓуетничките односи, особено меѓу Македонците и Албанците како исклучително чувствителна точка за опстанокот и развојот на државата.
Кога се читаат написите во медиумите од тој период, се добива впечаток дека македонските избрани државни раководители, имале резерви кон целата таа афера и се обидувале да го „стеснат“ кругот на погодените. Но, изгледа не биле во состојба да ја спречат аферата и да ја разоткријат пред јавноста нејзината суштина. Тоа, пак, не значи дека денес не треба да се откријат сите аспекти на таа афера, за да не ни се повторуваат такви случаи.
Расчистувањето со таа афера треба да помогне да ги намалиме нејзините штетни ефекти кои до ден денес се чувствуваат. Не треба да се заборави дека аферата „паравојска“ ја постигна целта на оние што ја креирале неа: кај Македонците предизвика уште поголемо чувство на недоверба кон Албанците, чувство на страв од нив и омраза кон нив. Кај Албанците, пак, предизвика резигнација и убеденост дека Албанецот во Македонија секогаш ќе биде виновен, дури и тогаш кога во договор со власта презема дел од одговорноста за состојбата во државата.
Таа афера имаше за цел во регионот и пошироко да покаже дека политиката на Милошевиќ на Косово е оправдана, дека секаде Албанците каде што живеат во поголем број, се фактор на нестабилност.
МУЛТИГРУП И БРАТИСЛАВСКА ВРСКА
Вториот случај, кој овде ќе го споменам, а кој е парадигматичен, поврзан е за настаните што следеа веднаш по атентатот врз тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на 3 октомври 1995 година. Имено, нашите тајни служби, во периодот пред атентатот не беа способни да го предвидат и да го спречат. Едноставно, тие тврдеа дека немале релевантни информации.
Но само седум – осум дена после атентатот, истите тие наши тајни служби покажаа голема способност и настапија со тврдење дека атентатот е инспириран и организиран од некоја криминализирана компанија во Бугарија, наречена Мулти груп. Се разбира, тоа го сторија без ниту еден доказ, но во свеста на Македонците неосновано се всади уште едно сомневање кон Бугарите и кон Бугарија, како извориште на мрачни дејствија насочени кон уништување на Република Македонија и на Македонците. За тој чекор во Македонија беше искористен тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, со што се потврди дека тајните служби во Македонија се во состојба како покритие да ги користат и избраните државни функционери, без оглед од која политичка опција се.
Во врска со атентатот е интересен и фактот што нашите служби покрај кон Бугарија, успешно го насочија сомневањето и кон домашните Албанци. Пуштија гласишта за т.н „Братиславска врска“ во која биле инволвирани група Албанци од Македонија.
И за тоа не се најде никаков доказ, иако беа направени повеќе сплетки. Но, кај Македонците се додаде уште еден слој недоверба кон нашите Албанци, а кај Албанците, пак, уште еднаш се потврди чувството дека во Република Македонија секогаш Албанецот е дежурниот виновник. А можноста за вмешаност на тајните служби на Милошевиќ во атентатот, нашите овластени државни органи никогаш не ја земаа во разгледување и не пројавија иницијатива посериозно да се истражи.
Дури и оваа година, кога дојде изјавата од очигледно добро информираниот адвокат Тома Фила од Белград, нејзе ѝ се пријде како на куриозитет. Владата со прст не мрдна, не го покани Фила, да ги изнесе своите сознанија пред нашите органи, јавно не побара помош и соработка од српската влада за случајот со атентатот, а нашата тајна служба која, нели, е реформирана, не пројави никаков интерес и не се ангажираше да ги испита сите околности. Целата работа се одмолча.
Претходно, пак, навестеното сомневање за вмешаност на нашата тајна служба во атентатот, што го изнесе Фрчкоски, наместо да биде следено со вистинска темелна истрага, се искористи за исмејување на иницијаторот.
Овие се важни работи за младите генерации и младите политичари. Тие треба да бидат предупредувани што сѐ мораат да преоценат за да не бидат заведени од божемната идеологија, која кај нас сѐ уште во добар дел е проголтана од празната фразеологија.
Ако така подлегнат, нема да забележат дека еден од континуитетите кој упорно се провлекува, е континуитетот на делувањето на тајните центри и нивното настојување Македонија да ја задржат да биде неспособна да ги совлада внатрешните предрасуди и наследени трауми, а исто така да не ги премости и совлада сите оние градени и надградувани препреки и ѕидови кон соседите.
Ако не успеат во таа задача, младите ќе доживеат, со промените што брзо се одвиваат во Србија, и таа да се придружи кон Албанија, Косово, Бугарија и Грција, нашите соседи, кон кои тајните служби ни ги граделе нашите ѕидови. Во таков случај, на Македонија ќе ѝ останат како сојузници само распарчените и сѐ понемоќните остатоци во Србија од политиката на Слободан Милошевиќ. Нема причина да се доведеме до таму, тоа да ни се случи.
Затоа сите оние кои сметаат дека по чувствителните и тешки теми од нашето блиско минато не треба да се чепка, за да не дојде до преоценка на настаните и актерите во нив, треба добро да се замислат што навистина бараат.