Заменик-началникот на милицијата на Доњецката Народна Република, Едуард Басурин, изјави дека е можно некои припадници на украинските безбедносни сили се уште да се на територијата на фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол.
Басурин не ја исклучува таквата можност поради слабата координација меѓу нивните команданти.
-Некоординираноста на генералната команда во „Азовстал“ доведе до тоа секој да живее на свој начин, секој да се крие во своето ќоше, па можно е да најдеме заостанати украински војници – изјави Басурин, пренесува Тас.
Тој додава дека „целосното чистење“ на „Азовстал“ може да трае две до три недели, бидејќи се работи за голема територија.
На 20 мај руското Министерство за одбрана објави дека челичарницата „Азовстал“, која беше последната линија на одбраната на украинските сили во Мариупол, е целосно ослободена.
Инаку, Врховниот суд ќе се занимава со прашањето дали украинскиот полкот Азов треба да биде третиран како терористички.
За борците од фабриката за челик во Мариупол, кои се во руско заробеништво, одлуката ќе има последици.
На руската телевизија постојано се прикажуваат снимките од борците кои ја напуштаат фабриката за челик, а дел од руската елита за нив бара да се врати и смртната казна.