Дали пратениците конечно ќе ги ослободат ковид-прекршителите од парична и затворска казна?

by fokus

Предлог-законот за амнестија на ковид-прекршителите конечно влезе во собраниска процедура и се очекува, откако ќе биде изгласан по скратена постапка, да се спасат од затвор, но и од високите парични казни сите оние кои за време на ковид-пандемијата ги прекршиле протоколите.

Доколку се изгласа овој предлог закон, кој го предлагаат група пратеници, сите оние кои ги прекршиле ковид – протоколите нема да ги платат високите паричните казни или нема да одат во затвор, туку овие казни ќе им се заменат со алтернативна мерка условна осуда.

Па така, на лицата кои им е изречена парична казна од над 1.000 евра или треба да одат во затвор затоа што не ја платиле, паричната казна им се заменува со алтернативна мерка условна осуда, со која им се утврдува иста парична казна како изречената во правосилната пресуда и истовремено им се определува дека утврдената парична казна нема да се изврши доколку осудениот во рок од три години по правосилноста на решението за амнестија не сторат ново кривично дело.

Оние пак што треба да платат до 1.000 евра ќе бидат амнестирани доколку во период од две години не сторат ново кривично дело, лицата пак кои почнале да ја плаќаат казната, но не ја платиле цела, нема да ја доплатат.

Амнестијата нема да важи за правните лица, односно рестораните и кафулињата.

Од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година во Основниот кривичен суд Скопје од страна на Основното јавно обвинителство Скопје поднесени се 967 казнени налози за член 206 од Кривичниот законик. По овие казнени налози, судот донел пресуда со кои се осудени 1.223 лица на парична казна од по 123.000 денари.

Во Основниот кривичен суд Скопје имало 280 неплатени парични казни, кои биле заменети со казна затвор, а 205 осудени лица добиле упатни акти да издржуваат казна затвор.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ неодамна алармираше дека во Идризово поради пренатрупаност со тоа што 50-тина лица спијат на душеци на под во ходниците.

Според податоците коишто ги кажа јавно, досега има вкупно 1.000 граѓани кои чекаат упатен акт да одлежат тримесечна затворска казна поради тоа што ги прекршиле ковид-прописите.

– Сите овие пресуди како упатни акти да се вратат на повторно судење, тие луѓе се изложуваат на криминална инфекција за три месеци и прават непотребна гужва. Инаку, за две или три години нема да има намалување на гужвите по затворите, рече Стојановиќ.

Тој ги повика судовите повеќе да ја применуваат во овие случаи пробацијата како можност и да им дадат условен отпуст со заштитен надзор на овие категории.

– Во моментов има 2.600 упатни акти кои чекаат за реализација, а капацитетот во затворите е 2.200 и тој е веќе исполнет. Плус на овие бројки има уште 1.000 кои чекаат поради Ковид-19, додаде Стојановиќ.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости