Дали набавките на српска пченица беа преплатени за над милион евра?

Иако власта уверуваше дека државните стоковни резерви се полни, преку две тендерски постапки набавија 20 илјади тони српска пченица за речиси 9 милиони евра преку 3 домашни компании, што, според опозицијата, е повеќе од берзанската цена во Србија, но уште повеќе од вредноста на домашната пченица, пишува „Фокус“.

by Фокус

Само неколку месеци откако власта уверуваше дека нема потреба од паника, Агенцијата за стоковни резерви, која е под капа на Министерството на финансии, спроведе 2 тендерски постапки, во чии рамки склучи 4 договори со 3 компании за набавка на вкупно 20 илјади тони меркантилна пченица, во вкупна вредност од речиси 9 милиони евра, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Агенцијата на чело со директорот Реси Абдурахмани, кој е кадар на ДУИ, месецов спровела тендерска постапка за набавка на 10 илјади тони пченица, во вредност од над 263 милиони денари. Се работи за делива постапка, во чии рамки се склучени договори со 2 компании.

Имено, тоа се компаниите „Млин Аргулица“ од Карбинци и „Кокра Е Арт-1“ од Порој. Иако и двата договори предвидуваат набавка на по 5 илјади тони пченица, првиот изнесува 135 милиони денари, додека вториот 128 милиони денари, или нецели 7 милиони денари помалку во однос на првиот.

На тој начин биле набавени 10 илјади тони пченица откако само 2 месеци претходно, односно во август биле набавени, исто така 10 илјади тони пченица за складирање во државните стоковни резерви. И тогаш била спроведена делива постапка, при што биле склучени договори со 2 компании, во вкупна вредност од 269 милиони денари.

Патем, еден од двата договори бил склучен со веќе споменатата компанија од тетовски Порој – „Кокра Е Арт-1“, чија вредност изнесувала околу 135 милиони денари. Вториот лот, пак, го добила фирмата „Агроглобал Трејд“ од Скопје, со приближно иста вредност од 134 милиони денари. Двата договори предвидувале набавка на по 5 илјади тони пченица.

Во однос на прашањето зошто се спровеле две јавни набавки едно по друго, преку кои истовремено се набавиле 20 илјади тони пченица, откако во претходната 2021 година биле набавени 10, а во 2020 година нецели 5 илјади тони пченица, од Агенцијата велат дека стоковните резерви се набавуваат во зависност од буџетските средства за тековната година.

Поради големите осцилации на цената на пченицата на берзите беше објавена прво една набавка од 10.000 тони. Се чекаше да се види дали ќе има промена на цената, но бидејќи тоа не се случи, се објави и втората набавка“, ни одговорија од таму, додавајќи дека учествувале по повеќе од 5 понудувачи, а конечната цена на чинење вклучува транспортни трошоци, царина, ДДВ…

Кога ќе се земат предвид 4-те договори што Агенцијата ги склучила со 3 компании, произлегува дека државата набавила вкупно 20 илјади тони пченица за над 532 милиони денари или 8,6 милиони евра, што значи дека еден тони чинел 26.625 денари, а еден килограм пченица чинел 26,6 денари. Токму тоа беше аргумент на опозицијата да обвини дека пченицата е преплатена.

Kога е набавена оваа пченица, цената на пченицата на берзата во Нови Сад изнесувала 20,5 денари. Ако земеме дека трошокот за транспорт чини од 1,5 до 2 денари по килограм, се доаѓа до сума од 22,5 денари. Тоа значи заштеда од над еден милион евра доколку пченицата се набавела по цената што важела на берзата – вели Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, тој додава дека домашната пченица од изминатата реколта била откупена за уште пониска цена, која изнесувала од 17,2 до 19 денари, зависно од откупниот пункт, или во просек нешто над 18 денари. Тоа е за цели 8 денари помалку отколку што државата сега купи српска пченица преку македонски компании.

Има информации дека не е продадена цела домашна пченица, туку дел од производителите ја складираа поради ниската откупна цена. Факт е дека српската пченица е со подобар квалитет, но сега е кризно време. Можеше интервентно да се откупи оваа пченица, на тој начин да се помогнат домашните производители – смета Трипуновски.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости