Бараме од земјите на Европската унија да се осуди злоупотребата на правото на глас и да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците во Северна Македонија, порачаа лидерите на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, на синоќешниот протестен марш во Скопје.
Алудирајќи на ДУИ, лидерите на албанската опозиција обвинија дека „албанското општество е заробено од каста мафијаши“, која за да се остане на власт се служи со заплашување на гласачи, купување на гласови, узурпација на слободата на избор, но, како што велат, и со гласање во име на други лица.
Ваквите наводи и обвинувања на коалицијата ААА се содржани и во нивните приговори до Државната изборна комисија, каде се сретнуваат конкретни податоци, па дури и имиња и презимиња на луѓе кои гласале на изборите, а не можеле тоа да го сторат, бидејќи, според подносителите, не биле во земјава или не биле меѓу живите.
Така, повеќе приговори од страна на ААА поднесени до ДИК за сторени неправилности во постапката на гласање, сумирање и утврдување на резултатите се однесуваат на гласачки места во Долнени, како Сенокос, Браилово, Секирци, Рилево, Костинци, Пешталево и други. Како што се наведува во приговорите, било евидентирано семејно и групно гласање, присуство на неовластени лица, но најважно – појава на гласање за починати лица.
Дури, подносителите на приговорот навеле и две имиња во поткрепа на нивните тврдења – Ајредин Керимовски и Енвер Камилоски, кои, според нив, биле починати, но во записниците стоело како да гласале. Сепак, членовите на ДИК одлучиле да ги отфрлат приговорите, бидејќи, стои во образложението, подносителот не доставил докази за тврдењата, а воедно ниту еден член на избирачкиот одбор или овластен претставник не ставил забелешки во записникот.
Инаку, резултатите од гласањето покажуваат дека во Општина Долнени ДУИ освоил неколкукратно повеќе гласови од здружените Алијанса и Алтернатива. Поточно, во оваа општина ДУИ освои 2.265 гласови (37 отсто), СДСМ освои 2.081 гласови (34 отсто), ВМРО-ДПМНЕ освои 1.239 гласови (20 отсто), а дури на 4-то место е коалицијата ААА со освоени 265 гласови (4,3 отсто).
Покрај тоа што обвинуваат за гласање во име на починати лица, од ААА обвинуваат и за гласање за луѓе кои на изборниот ден на 15 јули биле во странство. Таков е приговорот за гласачкото место со број 1897 во Општина Кичево, каде, според подносителот на приговорот, „гласале“ лицата Артан Асани и Зини Асани, иако биле во странство.
Воедно, ААА поднела низа приговори и за гласањето во Општина Пласница, Општина Тетово, Општина Струга и други места, кои се однесуваат на групно и семејно гласање, притисок врз избирачите од неовластени лица, закани и заплашување. Воедно, подносителот на приговорите навел дека овие забелешки не биле наведени во записникот од спроведеното гласање поради заплашување на членовите на избирачкиот одбор.
Меѓутоа, и покрај тоа што во нив се содржани конкретни податоци, односно имиња на луѓе кои, според подносителите, гласале иако не биле во можност тоа да го сторат, сепак, сите приговори се одбиени, без притоа да се направи проверка дали ваквите наводи се вистински, односно да се побараат информации од матичната управа за водење на умрени лица, како и од граничните премини за влез, односно излез на македонски државјани.
Ист епилог имале покренатите второстепени постапки пред Управниот суд, кој ги отфрли буквално сите тужби не само од Алијансата и Алтернатива, туку и од другите политички партии. Меѓу нив се коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои приговарале за прекршување на изборниот молк, односно за несовпаѓање на резултатите од записниците и електронскиот систем. Најмногу приговори од сите поднесе новата парламентарна партија Левица.
Влатко Стојановски