Дали молкот е консензус?

by Фокус

Пишува
х. Сулејман еф. Реџепи

Пред многу години, кога Албанија сѐ уште се трудеше да раскине со своето комунистичко минато, водев еден кафе-муабет со еден човек што се беше испробал себеси во новата албанска политика од каде што избегал многу бргу, разочаран и полн со бес. Разговорот малку се одолжи, но никогаш нема да заборавам што ми рече тој „промашен политичар“ во врска со импликациите на криминалот во политиката.

„Само ситните криминалци целат да се турнат во политиката, но речиси сите политичари завршуваат како криминалци или како нивни марионети. Тоа не се однесува само на Албанија, кај вас во Македонија е уште пострашно…“, ми рече човекот и си стана кога му ставив до знаење дека не мислам така.

Денес, кога се изминати речиси две децении од тој муабет, како да сум малку пишман што не го сослушав човекот докрај. Годиниве што се тркалаат, се чини дека му даваат за право нему, а мене ме демантираат. Симбиозата на криминалот и  политиката, и не само меѓу нив, ја претворија Македонија во зачадена балканска меана поделена меѓу македонскиот антички сон и албанската хорор-реалност. А во неа сите се жалат дека не останало ништо вредно што би послужило како репер, сите се на мислење дека државата ни страда за малку човечност и морал.

Всушност, нешто, сепак, е останато. Останата е можноста со другите да си го споделиме стравот и да си го споделиме бесот што не сме во состојба  да сториме ништо повеќе од тоа. Да. Останато ни е и чувството на срам што не можеме да си ја повикаме совеста да се спротивстави малку на нашата немоќ.

КОРУПЦИЈАТА  НИ СТАНА ЗАШТИТЕН ЗНАК

За жал, општиот молк на народот, посебно на „интелектуалната каста“ не бара калауз. Или се работи за исплашеност до коски, или за убедување дека сѐ е во ред наоколу, па затоа нема што да се каже и зошто да се  бара некоја промена.

За да бидам разбран исправно: Јас не ги доживувам промените само како шминка на политичката сцена, како промена на партиските бајраци и на билбордите. За таквото нешто, бошњаците велат: Сјаши Курто, да узјаше Мурто.

Промената што треба да се случи во Македонија, како заеднички именител, треба да го носи знакот на сигурноста, безбедноста и надежта на граѓанинот. Кој ќе ги донесе тие промени, воопшто не е битно. Битно е да се ублажи невработеноста, преоптовареноста на државната администрација со вработувања на партиска основа и, пред сѐ, корупцијата од најграбливиот вид, која станува заштитен знак на земјата и која, во моментов, е единствениот бренд што би можеле да го патентираме.

Тие промени би требало да исправаат и неправди, да ја искоренат дискриминацијата што со години ја чувствуваат многумина од нас, ама таа како со некој магичен стап секогаш се крие под ќилим од пошироката јавност. Во склоп на тоа, ќе ја споменам само крајно неправедната денационализација, чија најголема жртва беше токму Исламската заедница, која поради тесноградото гледање на проблемот од страна на власта, и ден денес не може да поврати бројни вакуфи што ѝ припаѓаат и по Божјите, и по земните закони.

Промените што ќе дојдат, ќе мора да донесат еднаквост пред законите за сите верски заедници, како многу битни чинители на изградбата на оваа држава. Посакувам времиња во кои Македонската православна црква нема да биде фаворизирана во однос на останатите верски заедници, факт, кој, меѓу другото, се подвлекува и во овогодишниот извештај на Стејт департментот за Македонија. Само правната држава ќе може да стане гарант за стабилноста и за прогресот кој вербално сите политички чинители го посакуваат, ама практично многу од нив ги кочат.

НЕКА НИ ГИ ЧУВА ГОСПОД МЕЃУНАРОДНИТЕ ОЛЕСНУВАЧИ

Некој, како на шега кажа дека „Сите држави имаат своја мафија, само во Македонија мафијата има своја држава…“. Е, таквите саркастични забелешки би требало да ги снема, се разбира не по пат на забрани, туку со промени. А тие ќе се случат кога политичките елити ќе разберат дека дефинитивно ги сторија прав и пепел опциите на ексклузивно етничкото гласање. Ќе се случат кога тие ќе сфатат дека прагот на толеранцијата на граѓаните е одамна преминат и дека е прашање на време кога ќе се случи толку предвидуваната социјална експлозија. А тие, познато е, ги сплотуваат луѓето, без оглед на верската, етничката или политичката припадност. Верувам дека нашите политичари веќе ја примиле пораката, бидејќи тие по добро од сите знаат дека молкот  може да биде и консензус на незадоволните.

Но, што би сакале незадоволните, каков консензус би можеле да постигнат тие со својот молк?

Свесни дека политиката е таа што го детерминира нивниот живот, тие би можеле да посакаат да бидат водени од политичари со вистински штоф, што вложуваат труд и зрачат со предаденост и енергија од кои јасно се гледа дека ќе победат во битката за промени. Токму затоа, денес во Македонија никој не се грижи толку многу кога ќе се реализира договорот од Пржино и кои се приоритетите околу кои ќе се кршат копјата, изборите во април ли ќе бидат или во мај.

Што ќе се смени и дали доволно ќе се смени. Тие што ќе дојдат, било да се старите или некои нови, ќе сфатат ли дека се избрани за да му служат на народот, а не обратно. Тоа е хамлетовската дилема на граѓаните на Македонија. To be or not be.

Значи, време е билмезите да сфатат дека се билмези и да не ни го шиткаат своето незнаење како некојаси способност. Европеизацијата на политиката во Македонија не се врши преку приказни за мали деца што ги слушаме веќе четврт век. Да се вршеше, Македонија веќе одамна ќе беше Европа и не ќе се занимаваше бескрајно со „надминувањето на меѓуетничките и меѓуверските  проблеми“. Да беше се ок,  нашата политичка елита ќе ја разбереше суштината на европеизацијата, а не да работи против неа. И десно и лево ќе ги детектирате таквите политичари и таквите партии.

На оваа земја ѝ треба транспарентност, закони и законодавство, правичност. Што повеќе и што побргу. Кој ќе го донесе тоа по што копнееме, е сосема споредна работа. Само нека ни ги чува Господ меѓународните олеснувачи.

Поврзани новости