Дали македонските граѓани вакцинирани со „СпутникВ“ ќе патуваат во Србија по трета доза?

by Fokus

Во земјава досега аплицирани се 45.367 дози од руската  „Спутник В“, но оваа вакцина веќе подолг период не им е достапна на македонските граѓани.  Иако препораките на Националната комисија за имунизација како единствена препорака ја имаат вакцината „Фајзер“ за трета доза, стручната јавност е поделена околу ставот кој треба да биде изборот за овие граѓани кои веќе примиле две дози „Спутник“ а им истекува периодот од шест месеци и треба да примат трета „бустер“ доза.

Од министерството за здравство тврдат дека се нарачани по 97.000 вакцини и од првата и од втората компонента на „Спутник В“, но немаат конкретен одговор кога овие дози ќе пристигнат во земјата. На прашањето на „Фокус“ зошто не се прави нарачка на овие вакцини од Србија која од јуни започна да ја произведува вакцината од МЗ го избегнуваат одговорот, но ги негираат тврдењата дека му должиме на производителот и затоа нема испорака од „СпутникВ“.

-Сите одлуки на Националната комисија за имунизација, Министерството за здравство навремено ги објавува, засега нема промени на препораките на Комисијата во врска со вакцинацијата за Ковид 19. Министерството за здравство навремено ги има подмирено сите финасиски обврски, кон производителот на вакцини Спутник В, се вели во одговорот на МЗ за „Фокус“.

Од Руската амбасада засега не одговорија на прашањата на „Фокус“ во што е проблемот со испораката на овие вакцини.

Пановски: Не верувам дека „Спутник В“ некогаш ќе стигне во Македонија

-Мислам дека вакцината „СпутникВ“ нема да стигне повторно во земјава, тоа е мој личен став поради политичките проблеми со Русија, вели за „Фокус“ вели доктор Никола Пановски.

Според него оваа вакцина се покажала како една од најефикасните во борбата со коронавирусот и дека граѓаните за да се вакцинираат со „Спутник В“ можеби повторно ќе треба да патуваат надвор од земјава за да се вакцинираат со трета доза.

– Од друга страна пак по шест месеци како што е и препораката за ревакцинација со трета доза, сметам дека е во ред и да се прими вакцината „Фајзер“ бидејќи стручно кажано оваа трета доза нема многу врска со првите две кои се сметаат како една вакцина и во принцип како и со останатите вакцини не е проблем да се смени производителот бидејќи третата доза не е продолжение на процеот на имунизација, туку повторно нагласувам тоа е ревакцинација, појаснува тој.

Пановски појасни дека нема многу истражувања околу мешањето на руската вакцина и останатите вакцини, но бидејќи „СпутникВ“ е најсличен со Астра Зенека, па медицинската фела се потпира на овие истражувања според кои ако сте примиле Астразенека можете да го добиете Фајзер како засилувач.

-Оние што ги измерија антителата, доколку ги немаа по првите две дози, треба да се префрлат на Фајзер, а доколку има антитела можат и да почекаат со бустер дозата, дополнува тој.

Србија нуди можност за избор на вакцина за трета доза

Во соседна Србија пак од пред два дена е сменет протоколот за имунизација со вакцините за Ковид-19 и сега граѓаните имаат можност да изберат од кој производител ќе ја примат третата „бустер“ доза.

-По најмалку пет месеци од давањето на втора доза од Фајзер, Астра Зенека и Спутник В граѓаните можат да примат трета доза и по најмалку четири месеци од примањето на втора доза Синовак/Синофарм вакцината.

Она што е нагласено на страницата на Институтот за јавно здравје во Србија е дека оние кои како трета доза сакаат да ја примат вакцината „Спутник В“ ќе им биде аплицирана првата компонента од овој производител.

Кога станува збор за Спутник, првата и втората доза не се идентични, компонентите се различни, а засилувачот е враќање на првата варијанта на вакцината, носител на кој „помалку се сеќаваме“ од првата доза. Имунитетот нема да го отфрли како што е познато, и за нас е важно тоа да не се случи за да може да извлече информации од него.

Соња Танеска

 

Поврзани новости