Поради страв од киднапирање, родители ги пречекуваат децата од училиште во Неготино!

by Fokus

Големи групи на родители во Неготино изминативе неколку недели секој ден ги носат и ги пречекуваат своите деца во основните училишта, поради страв од киднапирање.

Приказната за маж во автомобил кој се обидел насилно да внесе дете на возраст од околу осум години во својот автомобил, а потоа по обелоденувањето на настанот, се јавиле уште родители со слични искуства, предизвика голема паника и страв во градот.

На социјалните мрежи масовно се споделува порака во која се апелира до родителите да си ги пречекуваат децата, бидејќи во градот се шетаат сомнителни лица. Од наши извори од Полициската станица во Неготино дознаваме дека таков случај бил пријавен пред околу три недели. Се случил среде бел ден, кога дете на возраст од околу седум-осум години, било пресретнато од автомобил во близина на центарот на градот, односно на околу стотина метри од раскрсницата кон населбата Саат Кула.

„Непознат маж му се обратил со зборовите – Дојди чичо да те праша каде живее еден човек, а кога детето му одговорило дека не знае каде живее тој човек, тој го убедувал да влезе во колата. -Родителите го пријавија случајот, а кога за настанот се расчу низ градот, и други родители споделија слични искуства, за непознато лице кое ги запирало децата и ги убедувало да влезат во неговиот автомобил. Имаше состанок и со училишните одбори, сепак станува збор за деца на возраст на која не можат да дадат детали за регистарски таблици на автомобилот, ниту пак точен опис на возилото – велат од полицијата, потврдувајќи дека се работи на решавање на случајот и откривање на возачот.

По повод настанот се одржал состанок и со стручните служби од двете основни училишта од градот, каде биле дадени превентивни препораки, односно учениците од помалите одделенија да си одат дома во групи, или пак родителите да ги пречекуваат.

Директорот на Основното училиште ,,Гоце Делчев”, Петар Мантев, за ,,Фокус” потврди дека се одржал состанок по иницијатива на надлежните служби, и педагозите, психолозите и останатите од училишната стручна служба биле запознати со случувањата кои го вознемирија градот.

-Се разговараше за случајот, сепак станува збор за ученици кои се во помалите одделенија, и чисто превентивно, доаѓа оваа препорака тие да бидат пречекани по завршувањето на наставата. И наставниците се вклучени во тој процес, посебно за учениците од прво до трето одделение. Повторувам, нема место за паника, но како превенција, бидејќи се поместија часовниците, порано се стемнува, а по пријавата за овој случај во полиција, заклучокот донесен на состанокот е децата да си одат заедно во групи или пак некој од возрасните да ги пречека. Многу родители ме прашуваат што се случило, постои вознемиреност. Ние ги следиме препораките донесени на состанокот, и моја порака е да нема шпекулации, туку да се следат изјавите на официјалните лица. Секогаш е подобро да се превенира- изјави Мантев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости