Пишува
Кире НАУМОВ
Никола Младенов требаше да ѝ го понуди своето распарчено срце на тацна, за Македонија да се обиде да разбере за што тој пишуваше и се бореше. Тоа се случи пред една година, само неколку дена по локалните избори. Денес, по една година, Македонија повторно е во изборна треска. Дали вистински го разбрала, Македонија ќе покаже во вториот и во четвртиот викенд во април. Затоа, нема да ти кажам почивај во мир, друже мој. И јас и илјадници други знаеме дека не можеш да почиваш во мир.
Во Србија, твојот колега Чурувија почива во мир дури сега, 15 години по неговата смрт. Таму им требаа 15 години за да ја разјаснат неговата погибја. Тука, твојот лет во бездната актуелните институции го третираа како истрага за градска сообраќајка, која можела да заврши и со европски записник. Затоа, тој твој лет во бездната е една од причините поради која власта и нејзините гавази се подготвени на сѐ, само да не настапат промени.
Дали кога било Македонија ќе стане минимум нормално општество, зависи и од тоа кога ти друже ќе почнеш да почиваш во мир. Дотогаш, на конечен тест ќе биде ставена подготвеноста без лични калкулации да ризикуваат буквално сѐ луѓето што се нафатиле да создадат нормално општество за какво ти пишуваше и се бореше.