Мењам веру за вечеру

by Фокус

Текстот е објавен на 24. ноември 2011 година во дневниот весник „Фокус“.

Пишува
Мендух ТАЧИ

Се сеќавам, во кризните години на српското општество, кога просечната плата не изнесуваше повеќе од десет марки, еден разочаран и очигледно гладен интелектуалец, кажа на прв поглед духовита, но суштински многу реална и болна реченица. Мењам веру за вечеру, рече тогаш Србинот. И, морам да признаам, ни беше мило што под Милошевиќ почнуваат да пукаат и најсуштинските човечки вредности. Готов е, си помислив тогаш. И бидна така, ама реченицата на српскиот интелектуалец го надживеа мајсторот за сеење магла и градење митови.

Не, не ми е намерата да повлекувам паралела меѓу Милошевиќ и Груевски, ако некој помисли така. Сакам да се задржам на амбиентот и атмосферата што се создава во Македонија и ја претвора во акшам пазар, во земја во којашто сѐ е на (рас)продажба и сѐ може да се купи. Демек, ако имаш пари, ќе си купиш пратеници, неколку министри, новинарчиња, да не зборувам за независни интелектуалци, писатели, академици. Најлесно ќе купиш аналитичари, посебно такви што некогаш биле функционери на одредена политичка партија и што сега никој не ги шмиргла. Пазарна економија се викало ова, велат. И уште велат – па и ние сме некоја стока, и ние имаме цена.

Кога ќе размислам подобро, ми минува лутината што ДУИ на последните избори успеа да купи триесетина илјади гласови, не му се лутам дури ни на оној заборавениот Селмани, што се расфрлаше со пари за да го растури албанското гласачко тело. Ако се на продажба министри и интелектуалци, зошто не би се продале обичните луѓе, коишто мака мачат да си го прехранат семејството? До амбиентот и до атмосферата е, не е до нив. Ако гладниот српски интелектуалец си ја менуваше верата за една обична вечера, кој има право да им замери на вистински гладните, ако гласачкото ливче си го менуваат за вреќа брашно?

Не, никој нема такво право, иако проблемот останува, па дури и се зголемува. Имено, човекот има една вера и таа може еднаш да ја смени за еден топол оброк. Што со останатите вечери, што ќе менува за да се најаде во следната вечер? Што да се прави меѓу изборите, коишто се оддалечени четири светлосни години едни од другите? Дали ќе потрае вреќата брашно толку многу? За жал, правилата на акшам пазарите се стриктно одредени. Кој – кому, и крај. Утредента продавачот не можеш да го најдеш, фелеричната стока нема каде да ја рекламираш.

Фактот што нашите акшампазарџии во меѓувреме стануваат заменици на Никола, министри што треба да нѐ воведат во НАТО и во ЕУ, а Бога молат да не стасаме никогаш таму, бидејќи таму е непознат концептот на акшам пазарењето, само го потврдува правилото.

Да, да, пријатели мои, тоа се истите тие акшамџии што ви продадоа бофл, а сега ве замајуваат со плоштадот Скендербег и слични тракатанци што не се јадат, не носат инвестиции, не отвораат нови работни места. Нивниот шеф, пријатели, изјави пред некој ден дека во македонската армија тој успеал да вработи 2.000 офицери Албанци, иако сите знаеме дека по НАТО стандардите, Македонија ќе се чувствува комотно со вкупно 2.000 платени војници и офицери. Значи, готово е, нема Македонци во АРМ, само Албанци, Македонија е Албанија.

Мало сутра, ама четирите години, од вреќа до вреќа брашно, треба некако да се истуркаат. Нормално, нели, бидејќи на странците им ја сервираат идиличната приказна за прекрасните меѓунационални и меѓуверски односи, андерграунд ќе нѐ саскаат кон Никола и кон неговите антички Македонци. До следната вреќа брашно.
Жално ама вистинито, Албанците ќе треба да се грижат дали се Македонците Словени, или се таму некои Антици. Значи, поради една чисто македонска дилема, преполна со небулози, ние ќе мораме да ги трпиме растечкиот македонски национализам и шовинизам, следбениците на Александар без никаков повод ќе нѐ потсетуваат дека требало да завршиме како Евреите, без оглед што тие беа жртви на најгрозоморните злосторства што ги осуди целото човештво.

Четири години интермецо се тоа, еј ало, со нешто треба да се исполнат. Ама, кај и да е, Бранко ќе испадне крив. А и Тачи е крив. Само не е акшампазарската коалиција, таа се занимава со светото име македонско. Замислете, дури и ако го дадел Никола името, Алија не го давал. Е, па ова е да пукнеш, од смеа или од бес, сеедно. Нешто е гнило во акшам пазаров македонски, ама што ли е тоа? До атмосферата и амбиентот ќе да е, ама, сепак, верата не би требало да се менува за вечера, иако како метафора звучи ептен јако.

Поврзани новости