Дали Јанкулоска се кае што до крај му остана верна на Груевски – одговара нејзиниот сопруг

by Fokus

Гордана Јанкулоска има чувство на каење што не си заминала порано од политиката, бидејќи тој труд и време што го одвојувала за министерството со кое раководела и со ангажманот во партијата, можела да го канализира во други работи со кои денеска би имала полагоден, поубав и комфорен живот, вели нејзиниот сопруг и адвокат Влатко Илиевски во емисијата „360 степени“ на прашањето дали ексминистерката за внатрешни работи чувствува каење за тоа што била дел од систем што ЕУ го нарече „заробена држава“ и што до крај му остана верна соработничка на Никола Груевски

Илиевски вели дека од денешна гледна точка може многу полесно да се оцени каква била ситуацијата тогаш, но додава дека кога сте „во машината“, со огромни проблеми на дневна основа, човек не може да ја согледа целата слика и да се повлече од политиката кога е неопходен таков чекор.

„Ако сме реални и искрени, од тие разговори што беа пуштени во јавноста на фамозните прес-конференции на Заев, може да се каже дека единствено Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се гласот на разумот“, вели Илиевски.

На новинарска констатација дека дилемата зошто останала до крај во тој систем е токму поради очигледната свесност оти нешто не било во ред, Илиевски вели дека Јанкулоска не требало да остане дел од системот, но повтори дека од секојдневните проблеми со кои таа се соочувала и жестокиот ритам на работа, не можела да ги согледа работите од поинаква перспектива.

 

 

 

Поврзани новости