Трамп ќе се појави во суд во вторник, би можел да се соочи со повеќе од 30 обвиненија

by Fokus

Поранешниот претседател Доналд Трамп ќе биде сослушан во судот во Њујорк во вторник. Се очекува тој да долета со приватен авион од Флорида и потоа да им се предаде на федералните агенти.

Голема порота во Њујорк вчера покрена обвинение против Трамп во врска со исплатата на 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс во 2016, непосредно пред претседателските избори. Обвиненијата сè уште не се објавени јавно и адвокатот на Трамп кажа дека сè уште не му се познати.

Се верува дека стотици агенти на тајната служба ќе учествуваат во обезбедувањето при доаѓањето на Трамп, кој е првиот актуелен или бивш американски претседател кој се соочил со кривична истрага. Трамп нема да носи лисици, а сослушувањето се очекува во вторник во 20:15 часот по македонско време.

„Претседателот нема да биде во лисици. Цели улици и самиот суд ќе бидат целосно блокирани“, изјави адвокатот на Трамп, Џо Такопина.

Нејасно е со колку обвиненија ќе се соочи Трамп, но американските медиуми велат дека би можеле да бидат повеќе од 30, поврзани со деловна измама.

Поврзани новости