Дали Јанева ќе го надмудри Вангеловски: Новиот Закон за СЈО ќе ја поништи правната стапица на Врховниот суд

by fokus

Специјалното јавно обвинителство изготви нов Закон за СЈО, со кој би требало да се  избегне правната стапица која неодамна им ја постави Врховниот суд. Според доброупатени извори на „Фокус“, законот веќе се наоѓа во Министерството за правда.

Како што дознава „Фокус“, во новиот закон, го нема спорниот член 22 со кој на СЈО му се ограничуваше рокот за поднесување на обвиненија на само 18 месеци од преземањето на бомбите. Исто така со бришењето на овој рок, ќе се надмине и толкувањето на Врховниот суд, дека само во овој рок обвинителството смеело и да презема предмети од редовното обвинителство.

Според нашиот извор, ова би значело дека СЈО ќе остане надлежно и ќе продолжи да ги работи сите започнати истраги и предистраги, како и преземените предмети, освен оние во кои осомничените не се политичари или функционери од висок ранг. Овие предмети ќе преминат во рацете на обвинители од редовното обвинителство. Оваа новина е поради проширената надлежност на СЈО, според новиот закон, односно дека се надлежни да постапуваат по кривични дела извршени од Претседателот на РМ, поставените амбасадори и други претставници на РМ во странство и именувани лица од Претседателот на РМ, избрани или именувани функционери во и од Собранието на РМ, во и од Владата на РМ, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет на РМ, Советот на јавните обвинители на РМ, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје, и одговорни лица во политички партии.

Како што неофицијално дознаваме за новото законско решение во моментот во министерството се прават консултации со експерти, но и со политичките партии, па штом ќе дојде до усогласување на текстот, истиот ќе биде пратен во Влада.

Со новиот закон се предлага и СЈО да ја задржи својата самостојност и независност, односно да продолжи да функционира како и до сега, надвор од редовното обвинителство.

Овој Закон мора да го добие мнозинството на гласови во Собранието, односно за него да гласаат најмалку 80 пратеници. Токму поради тоа очекувано е да има обиди за пазарење меѓу политичарите, особено на оние кои им гори под нозете, заради покренати истраги од СЈО, во кои се главни актери, но сепак од обвинителството се надеваат дека законот ќе добие зелено светло.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости