Текстот е објавен во „Фокус“ број 876 од 13 април 2012 година
Дали пукна тиквата меѓу Мијалков и Урко и дали детонаторската пресметка со криминалните банди е борба во ВМРО-ДПМНЕ за превласт врз приватните агенции за обезбедување и за контрола над партиските обезбедувачи? Дилемата се наметна и затоа што самите граѓани од Кочани реагираат дека и овој пат, правдата е селективна и дека крупните риби останаа комотно да пливаат низ кочанскиот пазар на криминал и рекет. Дали ,Детонаторот, Ќе го детронизира Груевски?
Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА
Поврзаност со подземјето, мафија, рекет и криминал, сето тоа скриено под превезот на агенциите за обезбедување во земјава е тоа на што сме сведоци во последниве две децении. А никој не се дрзнал јавно да проговори за тоа што се случува кога ќе се изгаснат светлата во дискотеките, кога се одржуваат партиските митинзи, кога се одржуваат состаноците во компаниите кои се едноставно принудени да ангажираат одредена агенција, за да не излезе на виделина валканиот веш на газдата.
Партии – власт – УБК – агенции за обезбедување – криминал и рекет. Тоа е нишката што ја води безбедноста во државата! Акцијата со која се гордее Јанкулоска, „Детонатор”, само ја чепна површината, но ги затскри вистинските лица на тие што владеат со мафијата, посебно во малите градови. За нас, тоа се лица во униформи, сите со различен амблем. За други, пак, дел од тие лица се оние што се алфа и омега низ градовите во земјава.
СЕ ПОЧНУВА ОД ИЗБОРИТЕ
Ни стана нормална работа кога на партиските митинзи пред избори ќе видиме големи батки облечени во црни униформи како бдеат под говорницата и ги чуваат оние што се колнат дека во земјава сѐ ќе биде розово. И од таму, почнува сѐ. Секоја партија си има своја агенција за обезбедување. Во зависност од тоа која партија ќе победи на изборите, таа го добива и обезбедувањето на сите клучни објекти во државата. Кога веќе ќе го добие тоа, пазарот веќе може да почне да се шири. Пристап имаат насекаде, под превезот и заштитата на партијата на власт, многу е полесно да се добие (или подобро речено, изнуди) бизнисот.
И сето тоа вака си течеше мазно, додека во јавноста не почна сѐ повеќе да се шпекулира за заострените односи меѓу Мијалков и оној што го држи бизнисот на агенцијата „Лупус”, Дејан Митревски – Урко. Нема полошо од тоа кога две агенции блиски до власта ќе дојдат до судир, односно ќе тргнат во битка за освојување на профитабилниот бизнис.
За СДСМ засега е јасно како функционира. Со партијата се поврзува агенцијата на Бранко Бојчевски, ОСА, но тој упорно и уплашено избегнува одговори на тема „агенции за обезбедување”. И во Струмица функционира агенција која се поврзува со Заев, а претходно имаше и во Штип, но таа сега не постои. Очигледно, пазарот на СДСМ во овој дел се намалува. Но, затоа, на ВМРО-ДПМНЕ вртоглаво расте. Како што веќе објавивме, на пазарот од неодамна се појави нова агенција за обезбедување, СГС. Во нејзиното седиште, спроти ЗОИЛ, неколкупати е виден директорот на УБК, Мијалков. И не само тоа. СГС, основана со 5.000 евра и агенција отворена пред неполни две години, за кратко време ги презеде сите стратешки објекти во државата, почнувајќи од Триумфалната порта, Музејот на холокаустот, трговскиот центар „Рамстор”, во преговори се за Тутунска банка, казиното „Принцес” во Гевгелија, Шпаркасе банка…
Ете, тука оправдано се јави дилемата дали пукна тиквата меѓу Мијалков и Урко и дали детонаторската пресметка со криминалните банди, како што рече Гордан Георгиев, е борба во ВМРО-ДПМНЕ за превласт врз приватните агенции за обезбедување и за контрола над партиските обезбедувачи. Дилемата се јави оправдано и затоа што самите граѓани од Кочани реагираат дека и овојпат, правдата е селективна и дека крупните риби останаа комотно да пливаат низ кочанскиот пазар на криминал и рекет.
КОЈ Е ДАЦО БЕЛСКИ?
До неколку критички настроени медиуми деновиве пристигна писмо од група граѓани од Кочани кои велат: „Се тресеше гората, се роди глушец”. Алудираат на тоа дека со акцијата „Детонатор” не се опфатени клучните играчи во источна Македонија, кога станува збор за рекетот. Ако во акцијата се уапсени и членови на ВМРО-ДПМНЕ, зарем Јанкулоска досега не си ги испитала своите луѓе, прашуваат жителите.
– Со акцијата, тие решија да ги уапсат ситните риби и всушност, си ги „отворија” своите „олимписки игри” на чистка на неистомислениците од сопствениот табор, пред парламентарните избори. Ставајќи ги во ист кош приведените од Виница и од Кочани, како и запленувањата на оружје, пари и на покер автомати, сакаа бомбастично да си го кренат рејтингот кај граѓаните… Но, што е уште поважно, да си отворат место за сопствената пирамида на агенција за обезбедување т.е. рекетирање! Сакат да глумат пред народот дека еве ги апсат луѓето на СДСМ, но ги апсат и своите криминалци…”, се вели во писмото.
И тука, постојано се провлекува името на Драган Стојменов – Дацо Белски, кој наводно важел за десна рака на Јанкулоска. Според линковите од старо објавени текстови во медиумите, тој во 2009 година заедно со уште тројца, го демолирале кабарето „Ефект” во Виница.
– Лицата демолирањето го сториле кратко по влегувањето, односно откако активирале чадна направа. Тие го кршеле инвентарот, при што повредиле еден сограѓанин, како и сопствениците на локалот. Во текот на увидот од страна на полицијата, тие повторно се вратиле во „Ефект”, а потоа почнале да ги туркаат службените лица во објектот, со што ги попречувале да ја извршуваат својата работа. Еден од насилниците со тврд предмет го удрил С.С. по глава, а потоа си заминале”, пишува „Утрински весник” во мај 2009 година.
За овој случај, според исповедта на дел од жителите во Кочани, судење воопшто не е почнато. Има и други интересни детали. Според сведоштвото, до 2008 година, тој е трипати осудуван на условна казна, а додека му трае условното, повторно го осудуваат условно?!
Во 2010, според тоа што го објавува телевизија Канал 5, се случувало ова: „Искршени чаши, огледала сведочат за полноќната тепачка во кочанската дискотека Тропикана”. На полноќ пред влезот од локалот се појавила група момчиња со фантомки на глава вооружени со безбол палки и со железни шипки.
– Сѐ се случи за триесетина секунди. Беше страшно. Петнаесетина со маски на глава прво се нафрлија на момчето пред влезната врата, за потоа да испукаат два куршума во воздухот и да дојдат до првиот шанк и да почнат со кршење – раскажува за Канал 5 еден од очевидците.
„Ова е трет случај годинава на меѓусебна пресметка на оние што се задолжени за обезбедување на јавни објекти во Кочани. Денеска полноќното дивеење во дискотеката беше топ тема меѓу кочанчани. Исплашени за себе, сѐ повеќе се во дилема, дали воопшто овој град е сигурно место за живеење”, објавува дописникот на Канал 5.
Една година подоцна, во 2011 година, повторно нов упад од истите лица. Извор, Канал 5 телевизија: „Од утринава, кочанчани во шок. Пред нивни очи изгореа четири автомобили на четири различни локации во градот. Потполно изгорени се ’ауди А-6’, ’фиат брава’ и ’фолксваген поло’, а друго ’поло’ половина е уништено. Тоа што се дознава неофицијално е дека наводно ова е расчистување на сметки меѓу две групи во Кочани, кои извесно време на ваков начин ја средуваат меѓусебната нетрпеливост. Сличен немил настан, за кој се смета дека иницијатори се истите две групи, се случи на почеток од летото, со демолирање на летна дискотека во Кочани”, објави лани Канал 5.
И, да не речете дека сѐ е анонимно. Да не заборавиме дека во 2009 година, неколкумина бизнисмени од Кочани се одважија јавно да излезат и на прес-конференција да проговорат за „теророт предводен од Драган Стојменов”.
И дали, по ваквиот историјат на настаните, Јанкулоска може да нѐ убеди дека навистина не постои селективност? Можеби, кога ќе го изјавува тоа, треба да им погледне в очи на бизнисмените кои се одважија да излезат на прес-конференција и јавно да проговорат за рекетот, загрижени за животот на своите деца. Да потсетиме, од тогаш се поминати три години!
СЕКОЈ ПРВИ – КУФЕРЧЕ СО 50.000 ЕВРА
Летото во 2010 година, во најпознатата туристичка дестинација во земјава, убиен беше 34-годишниот српски турист Дејан Новаковиќ. Малкумина тогаш се обидоа да го отворат прашањето, дали во убиството на младиот турист донекаде се разоткри и полициското подземје, завиткано под превезот на агенциите за обезбедување. Единственото нешто што се зачна, беше дека во Охрид работат 7-8 агенции за обезбедување, но и многу обезбедувачи кои работат на диво и без лиценци. Тогаш, Јанко Бачев, доброупатен во сферата на обезбедувањето и во безбедносниот сектор, се обиде да го разјасни начинот на кој функционира полициското подземје во најпознатата туристичка дестинација.
Во колумна за „Фокус”, тој напиша дека подземјето ги остварува своите високи профитабилни криминални интереси преку висок службеник. Се разбира, не кажа кој е тој, но сите можевме да претпоставиме. Го карактеризираше како човек кој стои зад фантомската Комора за обезбедување лица и имот, а секој ден го гледаме зад премиерот Никола Груевски. Секој први во месецот, пиша Бачев, нему му се доставува куферче со 50.000 евра. Пристапот до Охрид тој го има преку службеникот во полицијата во тој град.
– Овој човек ја користи моќта што му ја овозможува полициската служба, а во заднина има регистрирано агенција за обезбедување на име на својот син, која го контролира речиси целокупното обезбедување на лица и имот од Охрид – тврдеше Бачев.
Овој човек во Охрид го знаат како разуздан ловџија, политички превртливец и слуга на политички моќните луѓе. Полициското подземје, според Бачев, преку агенцијата на локалниот моќник ги остварува своите бизнис интереси. Ноќта кога беше убиен Новаковиќ, во центарот на Охрид немало полиција. Подземјето во свои раце го презело целото обезбедување во градот, а меѓу обезбедувачите вриело од луѓе со криминални досиеја.
– Полициското подземје целосно ја презема грижата за редот и поредокот на Охрид. Со еден збор, Охрид е во заложништво на локалните полициски службеници од шемата на главното полициско подземје, поради рекетирање и остварување на неговите профитабилни интереси – тврди Бачев во колумната на „Фокус”.
Сега, речиси две години подоцна, само мал дел од работите се средени. Односно само една, а и тешко може да се каже дека е средена, затоа што и тука проработи селективноста.
Така, МВР со години толерираше паралелно работење на две комори за обезбедување кои издаваа дозволи за работа. Сите знаеме што се случуваше тогаш – двете комори ќе се изедеа меѓу себе за да докажат кој е нелегален. Се разбира, стапот го јадеше онаа што не беше блиска до власта, а директорот Ангеле Јованоски заработи казна затвор.
– Едната комора ја тргнаа, па, по објавувањето на мојата колумна за Охрид, а по натамошниот тек на настаните, престанав и да се интересирам што се случува на тој план. Но, останува фактот дека, кога ќе се смени власта, се менуваат и агенциите што го имаат приматот во обезбедувањето. Сега секоја партија си има своја агенција. Многу е реално дека привилегии имаат оние агенции што се блиски до власта, а и дека тие привилегии ги користат во свои цели – вели Бачев.
СОПРУГИТЕ НА ЧЕЛНИЦИТЕ НА УБК – ГАЗДАРИЦИ НА АГЕНЦИИ
И така, секој град со своја агенција, секој град со свои структури на обезбедување што контролираат сѐ што се движи и не се движи, по улиците, низ кафулињата, во фирмите. Агенциите стануваат алфа и омега во делот на „безбедноста”. Нешто како параполиција. Па така е и во Битола.
Во изминатиов период сакавме да пишуваме за две структури, односно за две познати битолски агенции за обезбедување. Факти за злоупотреба на овластувањата и на полициската моќ имаа и едните и другите, но немаа докази. Нешто слично како во Кочани. Па оттаму, решивме и да не ги објавуваме, барем не со имиња и презимиња, но од шемата што ќе ви ја претставиме, јасно е за што станува збор.
Зад двете агенции се кријат структури од битолската полиција. Се разбира, ако отворите во Централниот регистар, никаде нема да ги видите нивните имиња. Едната од агенциите до пред некоја година се водеше на сопругата на вработениот во УБК, кој подоцна ја продал. Но, кога продаваш агенција за обезбедување, дали со тоа го продаваш и влијанието што си го имал? Особено кога како купувач на агенцијата повторно се јавува извесен началник во МВР, а фирмата се води на неговиот брат и на шурата!
Зад другата агенција, исто така се крие поранешен вработен во УБК, а сега вработен во Агенцијата за разузнавање. И неговото име никаде не фигурира. Се разбира, газда на агенцијата е неговата сопруга. Изненадувачки колку жените ги бивало за бизнисот во обезбедувањето!!!
И сега, како се одвива шемата? Кога веќе сопругот на газдарицата работи во УБК, полиција, Агенција за разузнавање, сеедно, тој на тапет ги има газдите на сите фирми – кој затајува данок, која фирма ќе оди во стечај, кој има љубовница, кој не плаќа придонеси… И тука почнува рекетот од типот – нема да отвориме постапка против тебе, ќе си молчам за ова што го знам, ама ти да ја ангажираш мојата агенција за обезбедување!
Ова посебно има добро влијание пред некоја фирма да оди во стечај, кога нели, се прават најголемите далавери. Е тука, криминалот се забошотува, ама задолжително пред фирмата што оди во стечај може да се видат батки од агенција за обезбедување!
Во Битола, за ова се молчи. Буквално од никој не може да се добијат дополнителни информации, или, не дај боже, некој јавно да проговори за рекетот. Затоа што надлежностите им се поделени. Ако едните како по правило ги добиваат фирмите што одат во стечај, другите се задолжени за обезбедувањето на кафеаните и на дискотеките. Секаде игра рекетот, така што не е тешко да се поделат надлежностите. Битката почнува тогаш кога едниот почнува да ќарува повеќе!
КОГА БИЗНИСОТ СЕ РАСПАЃА, СЕ ТРЕСЕ ДРЖАВАТА
Невозможно е да не нѐ изненади фактот што ниту еднаш, додека Јанкулоска, Радникот или Мијалков се сликаат пред полициски станици или автомати за коцкање, Урко никаде го нема. Очекувавме барем да се појави и случајно да биде фатен на некоја фотографија. Но, не. Урко го нема. Урко не ни знаел за акцијата. Речиси невозможно е да не помислиме дека ова не е селективна битка против криминалот, овојпат за да се проветрат и исчистат одредени редови во власта, кои сега, од икс причини, почнаа да пречат во профитабилниот бизнис на извесни агенции за обезбедување.
Она што останува како факт е дека во секој град постојат по десетина агенции за обезбедување. Но, секогаш, како по правило, има една што го раководи бизнисот, со поддршка и сугестии од полицијата. Сите знаеме кој го држеше тој бизнис до сега. А, кога еден таков бизнис се распаѓа, се тресе и државата. Не за да се исчисти криминалот, туку за да се отвори простор на пазарот да влезе нов. Со време, ќе се покаже кој. Ако се следи кој е уапсен, а кој не, кој гордо се слика пред камери, а кој не, тогаш лесно се стигнува до заклучокот!
ТРАЈАНОВ Партиите си формираат агенции преку свои луѓе
Повеќе политички партии во земјава преку свои луѓе формираат агенции за обезбедување, кои им ги обезбедуваат митинзите. Тука јас не гледам ништо спорно, вели Павле Трајанов, екс-министер за внатрешни работи.
– Сепак, партиите што ја добиваат власта, овие агенции продолжуваат да ги користат и понатаму, а дел од нив се поврзуваат со подземјето и почнуваат со криминални активности. Тие се формираат според идејата на партиите, ги помагаат партиите, и, кога ќе се почувствуваат моќни, почнуваат со криминалот – вели тој.
Таква, според него, е ситуацијата во Охрид, Струмица, Радовиш и во Куманово. Во Велешта, Тетово и во Гостивар овие групи остануваат недопирливи.
ДИМОВСКИ И кај нас мафијата си има своја држава!
За Виктор Димовски, поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, акцијата „Детонатор” е внатрепартиска и внатреклановска пресметка на моќници од врвот на владејачката партија околу поделба на профитабилни бизниси, во случајов бизниси со агенциите за обезбедување.
– Се плашам дека ќе се потврди поговорката дека не секоја држава има своја мафија, туку, и кај нас мафијата има своја држава. Дел од агенциите, наместо да се занимаваат со она што им е работа, се занимаваат со уцена, рекет, организиран криминал – изјави Димовски за ТВ Алфа.