Дали без направен попис воопшто можеме да имаме фер и демократски избори?

by Фокус 09:53
09:53

arhivaТекстот е објавен на 27-ми јануари 2012-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 865

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

- Advertisements -

Изборите беа регуларни иако гласањето беше нерегуларно. Веројатно вака некако опозицијата би ги опишала последните парламентарни избори, баш во стилот на веќе легендарната изјава на Бранко Црвенковски дека „народот е во право дури и кога народот греши“. На овој заклучок нѐ наведуваат неколку изјави на видни опозиционери, кои во јавноста срамежливо го кажуваат тоа што меѓу себе веројатно гласно си го муабетат – дека изборите на 5 јуни беа сѐ, само не фер и регуларни.

И случајно или не, и трите изјави се појавија минатата недела, но за нив ќе зборуваме малку подолу во текстот.

БУГАРИТЕ ГИ ИМАЛО ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ЗА ЕДЕН ВОЗ?

Има неколку претпоставки зошто пописот на населението годинава отиде јабана заедно со тие десетина или 14 милиони евра, колку што чинеше пописниот материјал и ангажманот на попишувачите. Првата, и онаа што најчесто ја спомнува опозицијата, е дека на ниво на Македонија ќе се појавеа фантастични резултати, според кои на ова парче од 26.000 квадратни километри има 3 милиони жители. Бројка која е невозможна земајќи ги предвид резултатите на населението од претходниот попис во 2002, според кој, во државава има нешто повеќе од 2 милиони жители. На оваа теза се лепат обвинувањата дека било попишувано сѐ и сешто, дека бил даден амин „одозгора“ во списоците да влегуваат и луѓе кои подолго време не биле во државава, а ги попишувале нивните најблиски, со помош на фотокопии.

Втората претпоставка за укинување на пописот пред самиот негов финиш е малку спомнувана и веројатно е најконтроверзна како теза. Претпоставките се дека на некој од зградата на Илинденска бб му се кренала косата кога ги чул бројките од теренот за тоа колку македонски граѓани се изјаснувале како Бугари. Според последното пребројување, во Македонија има точно 1.417 Бугари, а таа бројка изразена во проценти претставува околу 0,07 отсто од целото население.

Тешко е да се говори колку македонски граѓани денес вистински се чувствуваат како Бугари, иако, според Википедија, која е неофицијален извор, во последниве неколку години околу 43.000 македонски граѓани зеле бугарски пасоши, а уште околу 60.000 лица поднеле молби за бугарско државјанство, за кое мора да потпишат документ дека имаат бугарско потекло. Бројот на бугарските пасоши до некаде се поклопува со официјалните бројки од пред некоја година за автомобилите со бугарски таблички во земјава.

Интересно е дека и за време на последниот попис во Македонија, Бугарскиот културен клуб од Скопје почнал кампања која повикувал: „Сите биле Бугари. А ти?“ И во нивното промотивното видео биле прикажувани славните историски личности Св. Климент Охридски, Цар Самоил, Гоце Делчев како Бугари.

ПОЛНЕЊЕ НА КУТИИТЕ?

Сега, да се вратиме на изјавите со кои го почнавме текстот. Станува збор за двете последни интервјуа на Љубчо Георгиевски за сајтот Плусинфо и разговорот со лидерот на НСДП, Тито Петковски, на овие страници, додека третата изјава излезе од расправата во Собранието по повод пописот.

Првиот вмровски премиер анализираше дека усогласувањето на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ едногласно да го откажат пописот му покажало дека тие се исплашиле од тоа што го виделе во бројките.

– Ние имаме милион и осумстотини илјади гласачи на два милиони и стотина илјади граѓани. Самото тоа е нелогично и несразмерно. Ако на тоа го додадете новиот попис, без сомнение ќе се покажеше дека избирачките списоци се неточни. Во прилог на тоа ако го додадете процентот на гласање, ќе испадне дека на изборите имало повеќе гласачи отколку реално народ. Тоа значи дека на изборите масовно се полнеле кутиите – изјави Георгиевски за Плусинфо.

На иста линија со Георгиевски е и неговиот поранешен лут противник Тито Петковски. Тој за минатиот број на „Фокус“ рече дека многу сомнителни околности решија Груевски и коалицијата да победат на изборите.

– Нема таква излезност како што беше прикажана, а тоа се покажа сега со спречувањето на пописот. Можеше да се открие најголемиот скандал во историјата на македонскиот парламентарен систем – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да имаат повеќе гласови отколку што има запишани избирачи во Република Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ никогаш нема да дозволат да се одржи пописот. Затоа што ќе им се види изборната лага – коментираше лидерот на новите социјалдемократи.

Слични сомнежи минатата недела искажаа и пратениците од поранешната партија на Тито Петковски, СДСМ. Горан Минчев на собраниската седница рече дека пропаднатиот попис отвора сомнеж за фалсификат на изборите во 2011 година.

– Зошто? Ако беше успешно завршен овој попис, точно ќе знаевме колку жители има во Македонија. Меѓутоа, тогаш ќе се отвореше уште една Пандорина кутија – дали се совпаѓа бројот на жители со бројот на гласачи. Бидејќи ние како партија, за да се одржат предвремени парламентарни избори, инсистиравме да биде прочистен Избирачкиот список, а вие тоа не го дозволивте – се посомнева пратеникот на СДСМ.

ЉУБЕ НЕ МОЖЕ ДА ЗБОРУВА ОД ШУТКА

Веројатно на оваа тема има многу што да каже и лидерот на веќе разединетите Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој ја чека правосилната пресуда за случајот „Кампања“ во затворот во Шутка.

Токму на денот на неговото апсење, неколку часа по изборите, полицискиот портпарол Иво Котески изјави дека за следење на Бошкоски биле користени посебни истражни мерки што го иницираше сомнежот дека можеби тој, но и другите опозиционери, биле прислушувани за време на изборната кампања.

И дека нешто е гнило во подножјето на Водно, во седиштето на полицијата, покажува и односот на министерката Гордана Јанкулоска кон иницијативата на Тито Петковски и кон неговата собраниска комисија да влезат во МВР да ги видат материјалите што се собрани со посебните истражни мерки.  Сомнежот на Петковски е дека Јанкулоска не доаѓаше во Собранието и нејзините сопартијци ја опструираа работата на комисијата, за да стигне правосилната пресуда за Бошкоски по која набрзо тие материјали ќе бидат уништени.

За улогата на Јанкулоска во изборниот процес забелешки имаше и мисијата на ОБСЕ-ОДИХР, која во својот извештај нотираше дека имало случаи кога министерката за внатрешни работи, која исто така била носител на листа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ја искористила својата позиција во полза на кампањата на нејзината партија, што, според ОБСЕ, довело до конфликт на интереси.

Сето ова беше причина опозицијата да и поднесе интерпелација на министерката.

КОЛКУ И ДА ГО ЧИСТАТ, СПИСОКОТ Е СЕ ПОВАЛКАН

Случајот со затворањето на А1 телевизија, на некој начин ги прекри сите други теми во предизборието, па така без некој посебен одек во јавноста помина фактот дека пречистениот Избирачки список, оној што по секоја логика требаше да се намали, беше зголемен и тоа за 43.000 лица.

Ако на изборите во 2008 година имало 1.792.820 гласачи, на последните избори право на глас имаа 1.835.000, но остана да лебди прашањето дали сите тие што имаа права на глас беа во можност да го искористат. Имено, многу веројатно е некои од тие да се веќе мртви, или одамна да не се вратиле во Македонија од печалба. Никому не му беше чудно што во државава има точно 234 стогодишници, од кои, верувале или не, дури триесетина престојувале во скопската Гази Баба, општина во која има тешка индустрија (комплексот во „Железара“, на пример) и тешко може да се пофали со одлични услови за живот кој би ја надминал стотката.

Сето ова потсетува на хрватските проблеми со списокот, бидејќи таму пронаоѓаа адреси, со броеви нула или 999, во мали погранични села со Босна и Херцеговина во кои, според избирачките листи, живееле  повеќе од триесетина жители. Факт кој би говорел дека во зафрлените села би имало висококатници, што нормално не е случај.

Ако ништо друго барем во Хрватска, некој од официјалните лица, макар на шега, призна дека мртвите гласаат. Во една пригода експретседателот Стипе Месиќ, додека сѐ уште беше на функција, рече дека мртвите не гласаат само во Вараждин, оти таму имало камери на гробиштата. Но, според тоа што може да се прочита на интернет, Хрватите немале малолетници на листите, нешто за што веројатно само македонските власти може да се пофалат.

За време на кампањата ЛДП предупреди дека на листите се вметнати дури 16.000 малолетници без право на глас кои во текот на 2011 би наполниле 18 години, но тоа би се случило дури по изборите на 5 јуни.  Интересно е дека весникот „Нова Македонија“, во предизборието, повикувајќи се на анонимни извори од Државната изборна комисија, објави дека пракса било целата генерација што во изборната година ќе наполни 18 години да биде ставена на листите. Но, не треба многу напор да се сетиме дека за тоа никој до сега не направил реклама, ниту пак законите дозволуваат да гласа некој со нецели 18 години. Истите извори за „Нова Македонија“ ја потврдиле бројката на малолетници кои се наоѓаат на листите, а која ја соопшти Андреј Жерновски од ЛДП.

Изборите беа и поминаа, тешко дека некој нешто може да поправи во врска со нив (нормално, ако имало неправилности), но ако нешто може да помогне во расветлување на овие тези тоа дефинитивно е пописниот материјал на кој му се заканува истата судбина со снимените материјали за Љубе Бошковски – а тоа е уништување.

Имало од каде да се научи
И ВО ХРВАТСКА ИМА ДВОЈНИК-ПАРТИЈА

Речиси и да нема избори на кои не се појавува Социјалдемократската партија која ја има целта да ги збуни гласачите на социјалдемократите и да им откине по некој процент на СДСМ. Најмногу оваа партија се прослави на изборите во 2008 година, кога на своите изборни листи постави луѓе со идентични или многу слични имиња на оние од СДСМ. Па така, Игор Ивановски имаше свој двојник, додека на Радмила Шеќеринска и се спротивстави извесна Рада Шеќерова.

Интересно е дека ова се изборите за кои Тито Петковски во „Фокус“ тврдеше дека вмровците му се фалеле оти биле на бугарски семинар со наслов „Како да се украдат избори?“, но оваа лекција можела да се научи и во Хрватска. Таму на изборите во 2007 година се појавила Партијата на пензионерите, која сите ја доживеале како двојник на далеку попознатата Хрватска партија на пензионерите.

И дека двојниците во Хрватска си завршиле работа, покажува фактот дека освоиле дури еден отсто од гласовите, кои реално се гласови на вистинската партија на пензионерите, која пак освоила приближно 5 отсто од гласовите.

Поврзани новости