Уште една спин приказна во постснежна Македонија!

by Фокус

Откако Македонија остана окована во снег и мраз, а Груевски „изненаден“ од неспособноста на владините институции да се справат со снегот, се чини мораше да се најде виновник.

И така е. Виновни се сите институции надлежни за справување со еден навидум бениген проблем како што е снегот, особено снег од вакви размери, кој сигурно не може да се нарече елементарна непогода.

Слепи црева има по целата Македонија. Завеани села, непроодни патишта, парализирана економија. Од еден единствен снег среде јануари, кој беше најавуван од синоптичарите барем две недели порано.

И досега сме велеле дека политиката на „фасадирање“ на институциите во работливи служби 24/7 е обична маска за простата раја, но овјпат тоа се покажа на дело.

Но, како и секоја спин приказна во Македонија така и во оваа некој друг е виновен. Па за да не биде директно дека Груевски го напаѓа Ахмети, се погрижија медиумите кои се под контрола на поголемиот коалиционен партнер.

Па така денешните наслови изгледаат вака:

Кадриу од ДУИ е некадарен за справување со снежните наноси (Курир)

Не се препознава каде се булеварот и улиците, за Дехари градот е прооден(Дневник)

Јанакиески незадоволен од работата на првиот човек на „Македонија пат“- бара одговорност!(МРТ)

Еден снег и директорот на „Македонија пат“ се загуби – какви вредности брани ДУИ со ваквиот кадар?! (Република)

Кичевци се дават во снег, Дехари уво не го боли (Република)

Директорот на „Македонија пат“ тешко се справува со невремето (Нетпрес)

Сега се чекаат оставките, ако воопшто ги има, со оглед на функционирањето на владината коалиција, каде кадрите на ДУИ одговараат пред Ахмети, а оние од ВМРО ДПМНЕ пред Груевски.

Иако, за волја на вистината и Груевски ќе мора да си признае дека со снегот освен кадрите на ДУИ (што е очигледно) потфрли и целата држава, и целата Влада. Оти, дури едниве си правеа снешковци и со нив се фалеа на Фејсбук, другите си славеа Нова Година. За тоа се разбира не бараме оставки, ниту распад на коалицијата, но добро е да се знае, колку можеме и колку можете. За да не си приредуваме дополнителни изненадувања!

Поврзани новости