Дали Арсовска ќе формира партија и ќе коалицира со Јакимовски?

Во овој момент сум посветена единствено на реализацијата на програмата за Град Скопје во интерес на граѓаните, вели скопската градоначалничка во изјава за неделникот „Фокус“.

by Фокус

„Во овој момент сум посветена единствено на реализацијата на програмата за Град Скопје во интерес на граѓаните“ – вака скопската градоначалничка Данела Арсовска одговори на прашање на „Фокус“ дали планира да формира политичка партија, која на следните избори би настапила самостојно или во коалиција со други партии?

Откако влезе во конфликт со раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, се појавија неофицијални информации дека Арсовскa во следниот период ќе работи на создавање на политичка партија или движење, кое тесно би соработувало со ГРОМ на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.

По завршувањето на локалните избори, тие не беа во најдобри односи, со оглед дека Јакимовски јавно ја прозва Арсовска дека го игнорира. Но, со тек на време односите меѓу нив се затоплија, што одеше паралелно со нивното разидување со Мицкоски. Сепак, Јакимовски ни изјави дека моментално не се водат никакви разговори за формирање политички блок.

Инаку, Арсовска веќе почна да гради структура од поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои во овој судир ѝ свртеа грб на партијата и ја одбраа страната на скопската градоначалничка. Во таа насока, нов директор на „Водовод“, на местото на Златко Перински, стана Марјан Митовски, кој порано беше технички директор.

На чело на скопкски „Комуналец“, пак, Арсовска ја постави Косана Мазнева, која своевремено беше пратеничка и претседателка на Унијата на жени, во време кога Никола Груевски беше лидер на ВМРО-ДПМНЕ и воедно премиер. По лидерската смена, таа извесен период му беше и советник на Мицкоски.

Целиот текст за можните политички иницијативи и проекти надвор од двете големи коалиции прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости