Дај му 200 евра и вклучи ја камерата

by Фокус

Пишува
Офелија ДИМКОВСКА

Многу кралеви се преоблекувале во обична облека, се преправале во обични луѓе и се мешале со својот народ за да видат што тој навистина мисли за нив. Ова се случувало во бајките, но и бајките се напишани врз основа на вистински приказни. Не е непознато дека советниците на времето ги советувале своите претпоставени дека не треба да слушаат што се случува во нивната држава, туку треба самите да видат. Некои кралеви кои биле уверувани дека во нивната држава владее благосостојба и сите ги сакаат, на самото место биле соочени со сосема друга ситуација. Па, еве една можност, вака предизборно, премиерот да види како му живее народот за кој се залага тој и поради кој остварува.

Тешко дека ќе може да го изведе ова од бајките зашто нема кралство, туку земја од милион и петстотини илјади граѓани, а преку телевизорот тој стасува и до најоддалеченото село, но има една понова можност преку која ќе може да види како му живее народот. Ја нарекуваат реално шоу. Сите се однесуваат како да не ги снимаат, а камерата е вклучена и ги следи што прават во текот на денот и ноќта. Ова со премиерот би било со конкретна идеја. Ќе му дадат двесте евра, некоја средна плата меѓу најниската и просечната и ќе го пуштат со неа да живее еден месец. Не само тој, туку и целото негово семејство зашто, под претпоставка да не знае, една ваква плата многу често во неговата античка Македонија треба да одржува во живот цело семејство и да му ги плати сметките.

Значи, му даваат двесте евра и ја вклучуваат камерата. Со тие пари мора да јаде, да се облече, да се вози, да им купи храна и облека на децата, да одржува куќа, евентуално автомобил и, секако, да плати сметки, а и извршители (кои тој ги измисли) доколку не ги плати сметките. Нема да може да смета на личен шофер, бодигард, свита, нема вечери, ниту ручеци на државна сметка, нема државен автомобил и државен бензин, има само двесте евра за да живее така како што тој му овозможува на неговиот народ да живее. Попат не може да смета ниту на државните привилегии, да не му ги блокираат сметките извршителите, ако има сопствен автомобил и на што да го вози, да не ја избегнува полицијата, а не е лошо да почне да се занимава и со некој приватен бизнис во оваа држава од која направи ветена и рај за инвеститорите. Па, да си има работа и со УЈП.

Само ако го издржи овој месец, ќе може да смета дека се ставил во кожата на секој просечен македонски граѓанин, кој го убедува дека живее прекрасно. Да не заборавиме дека во тој месец можеби ќе се разболи или ќе треба да купи лекови, можеби децата или жената ќе му настинат, или неговото дете навикнато на чоколади и киндер-јајца ќе му побара да му купи. Има солуција да не го носи со себе во супермаркет и да го остави да им гледа во уста на децата што ќе јадат чоколади. Може од дома да го подучи дека бонбоните и чоколадите ги расипуваат забите што се додатни трошоци за забари, па затоа детето не треба да ги јаде. Така многумина си ги лажат децата, на кои не можат да им купат чоколада. Со забар. Иако ова нему му се чини неверојатно дека неговиот библиски народ не може ни чоколада да купи, но затоа треба да провери. Двесте евра и нема лажење. Камерата ќе го следи постојано што прави. Нема дотурање храна по разни канали, нема скришно возење или привилегии. Нема ништо! Тој семејството и двесте евра. И цел долг месец пред него.

А викенди? Му се дише чист воздух. Ако му остане за автобус до Маврово со спремни сендвичи од дома, може и да се обиде. Можеби е исклучително штедлив, па на крајот, бил и министер за финансии. Нека се снајде.

Јас би сакала филмот да го гледам од почеток. Односно кога ќе ги ококори очите по пребројувањето.

Колку пари ви останаа, премиере, откако ги одвоивте оние за сметки, кои себеси треба да си ги платите? Е, тој момент сакам да го видам, па за понатаму не инсистирам.

Поврзани новости