Новиот српски министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во две интервјуа денеска изјави дека Западот со својот некоректен однос ја турка Србија во прегратките на Русија, Кина и другите и дека не се сеќава ваквиот притисок врз Србија да бил посилен од 1999 година.
Во интервју за денешен „Курир“ Дачиќ кажа дека „сите наши партнери во ЕУ и на Запад добро ја разбираат позицијата на Србија во однос на санкциите против Русија, која е многу специфична бидејќи не ни е лесно да воведеме санкции врз кој било“, оценувајќи дека е можно да се најде заеднички јазик и разбирање, но дека тоа нема да биде лесно бидејќи притисоците се се посилни.
-Не се сеќавам дека беа посилни од 1999 година, а знаете дека долго помнам. Мораме постојано да разговараме со партнерите во Европа и воопшто на Западот и тоа го правиме. Претседателот Вучиќ постојано е во тие разговори, а јас сега повеќе ќе се занимавам како министер за надворешни работи, рече Дачиќ
На прашањето дали Србија сè уште може да одолее на притисокот за воведување санкции кон Русија, тој рече дека тоа не е прашање „од вчера, тоа е тема од 2014 година, кога Западот ги воведе првите санкции против Русија“.
Дачиќ во своето второ интервју денеска за ТВ Прва рече дека Западот со својот некоректен однос ја тера Србија во прегратките на Русија, Кина и другите.
На прашањето дали Русија ќе разбере доколку Србија воведе санкции, тој одговори со прашањето – „Дали вие мислите дека некој би ви простил за нешто во меѓународната заедница “.
Тој рече дека е точно дека Србија е меѓу два притисоци, „очекувања“ од Запад и Русија, што според него не е чудно, бидејќи секој си ги гледа сопствените интереси.
-Русија верува дека Косово е преседан кој може да биде добар за секоја сепаратистичка територија во светот, а Западот дека тоа е sui generis што важи само за Косово и никаде на друго место во светот, рече Дачиќ.