Либанскиот претседател со овации ја напушти палатата

by fokus

Со овации на неколку илјади свои следбеници либанскиот претседател Мишел Аун денеска ја напушти претседателската палата во ридот над Бејрут. Заминувањето од функцијата на претседателот се случи на само еден ден пред крајот на неговиот мандат, но е во време кога не е избран неговиот наследник, што може да создаде политички вакуум во земјата која се соочува со екстремно голема економска и политичка криза.

Неколку илјади луѓе се собраа да му оддадат почит на маронитот, либански христијанин, поранешен воен командант и лидер на Слободното патриотско движење, партија која е сојузник на моќното проиранско шиитско движење Хезболах.

Симпатизерите на неговата партија, од кои некои носеа и портрети на Аун, кого многумина го нарекуваат „генералот“, стигнаа до претседателската палата на ридот над главниот град Бејрут, каде што некои дури и ја минаа ноќта во шатори, за да можат да го испратат да неговиот дом.

-Дојдовме да го испратиме претседателот на крајот од неговиот мандат, да му кажеме дека сме со него и дека ќе ја продолжиме борбата со него, рече наставничката Јоумана Нахед.

Пратениците во либанскиот Парламент во еден месец се обидоа четири пати, но не успеаја, да изберат наследник на Аун, чиј шестгодишен мандат завршува утре, со што се зголемија стравувањата од продлабочување на политичката криза.

Мандатот на Аун, политичар кој е во своите доцни 80-ти години, беше обележан со масовни протести, тешка економска криза, колапс на валутата и експлозија на амониум нитрат во август 2020 година во пристаништето во Бејрут, во која загинаа стотици лица, а се уништи и голем дел од земјата.

Ниту Хезболах, моќното вооружено движење кое доминира во политичкиот живот во Либан, ниту неговите противници, немаат јасно мнозинство со кое може да го наметнат наследникот на Аун.

Во моментов, Либан е управуван од техничка влада, бидејќи политичките поделби по парламентарните избори во пролетта го спречија формирањето на нова влада.

Ова се случува во време кога Либан допрва треба да ги спроведе неопходните реформи за да добие пристап до заемот од Меѓународниот монетарен фонд од повеќе милијарди долари.

Поврзани новости