На почетокот на март Русија предложи да се одржи седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, а Јапонија како претседавач со Советот за безбедност ја закажа седницата, но според шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ се уште е неизвесен форматот на седницата, односно дали ќе биде отворена или затворена за јавноста, јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ изјави дека има најави оти западните земји ќе побараат процедурално гласање пред усвојување на дневниот ред и затоа е неизвесно дали седницата ќе се одржи.
Заменик-шефот на руската мисија во ОН, Дмитриј Полјански, изјави дека западните земји ја критикувале оваа иницијатива и дека „тоа е многу непријатна тема за нив“.
Според него, агресијата на НАТО и незаконското одвојување на Косово од Србија всушност го нарушиле меѓународниот правен поредок на завршниот акт од Хелсинки и дека тоа е почетната фаза на нарушување на односите меѓу Русија и западните земји.
Дачиќ рече дека внатрешен договор меѓу големите сили е едни на други да не се оспоруваат на ваквите седници, но дека не е исклучено да се направи некаков преседан кој не е вообичаен во работата на Советот за безбедност на ОН.
-Во секој случај, ние сме тука. Ако некој сака да не слушне, ќе зборуваме на таа седница на СБ на ОН. Ако не сака, секако дека ќе го искажам тоа што сакам да го кажам овде во зградата на ОН, бидејќи тоа е нешто од кое не можат да избегаат, рече Ивица Дачиќ.
Тој изјави дека пред 25 години се случило кршење на меѓународното право и дека интервенцијата била извршена без одлука на Советот за безбедност на ОН.
-Тоа е незаконска ситуација која не може да се оправда со други причини, рече Дачиќ и додаде дека не знае зошто некому би му пречело да се одржи седницата.
-Очигледно некои сè уште не сакаат да ја слушнат нашата страна за она што се случи пред 25 години, рече тој.