Откако македонското министерство за надворешни работи побара од Србија да ја промени референцата БЈРМ на српските патарини, со реакција се огласи шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
– Ние бараме обостран коректен однос. Ако веќе протестираат поради признаницата за патарина, што би требало ние да направиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во УНЕСКО – изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.
Дачиќ, исто така, праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.
– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем признаницата на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.