Дачиќ: Нема да дозволиме српски жртви поради неподготвеноста на меѓународната заедница

by Fokus

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за РТС изјави дека со месеци се во ескалација поради неодговорното однесување на Албин Курти, кое предизвикува конфликтни ситуации. Коментирајќи го пристигнувањето на КФОР пред општинските згради на северот на Косово, тој рече дека задачата на КФОР е да го спречи едностраниот чин на Приштина, а не да ги спречи вработените да влезат во зградата.

„Тие сега ги чуваат градоначалниците под изговор дека го чуваат мирот. Изгледа ги чуваат од сопствениците на зградите, Србите, од оние што работат таму, што се таму вработени. Тие не можат да бидат градоначалници во српските општини кои не биле избрани од Србите“, рече Дачиќ.

Дачиќ оцени дека ситуацијата на Косово и Метохија е последица на постојаната ескалација што ја носи косовскиот премиер Албин Курти, како и на деескалацијата на која работи дел од меѓународната заедница.

„Резултатот од тоа е подмолен план, а тоа е дека на Курти му се дозволува да направи нешто, меѓународната заедница протестира како нешто… Сите сега протестираат против Приштина поради тоа што го направија, вклучително и КФОР. Улогата на КФОР не е да протестира, туку да го оневозможи тој едностран чин“, изјави Дачиќ за Радио-телевизија Србија.

Според него, КФОР денеска ги штити новоизбраните градоначалници од „сопствениците“ на општинските згради – Србите кои се вработени таму.

Коментирајќи ги предупредувањата и осудите на меѓународната заедница за тој едностран чин на властите во Приштина, Дачиќ рече дека „од предупредувањата не се живее на теренот“.

„Ако Америка не може да ја натера Приштина да го почитува тоа, тогаш навистина не знам каква доверба можеме да имаме во меѓународната заедница и во спонзорите на тој опасен воен авантуризам на Приштина“, рече тој.

Дачиќ изјави дека силите на српската армија се на готовност и дека Србија ќе ги заштити Србите на Косово и Метохија доколку треба.

„Ако дозволиме српските жртви да паднат поради неподготвеноста на меѓународната заедница, или поради воениот авантуризам на Курти – не, тоа сигурно нема да го дозволиме“, рече Дачиќ.

Поврзани новости