Светот го одбележа 5 октомври под едно мото: Наставници – водачи во кризата и креатори на иднината. Јас навистина верувам во вашата моќ и сигурна сум дека тоа ќе биде нашата стварност. Вие сте наша национална сила и гордост
Пишува Мила ЦАРОВСКА
Неделава го одбележуваме Меѓународниот ден на наставниците. Ден на кој го вреднуваме нивниот труд, посветеност и енергија, која ја вложуваат во образованието и во воспитувањето на децата. Затоа оваа моја колумна ја посветувам на наставниците, со чија пожртвуваност, на која бевме сведоци овој период, успеавме успешно да ја започнеме учебната година во услови на пандемија.
И навистина ми е драго што овој интернационален ден имав можност да го одбележам заедно со наставниците, токму како министерка за образование и наука и како претставничка на институциите што го создаваат образовниот процес.
НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ
Знам дека периодот што помина воопшто не беше лесен и едноставен за целиот наставен кадар во државава. Свесна сум дека пандемијата на сите нас, но и на наставниците наметна целосно нови услови за работа, воопшто нови предизвици.
Но, бескрајно сум ви благодарна што, сепак, успеавте да ја организирате и да ја започнете наставата оваа училишна година. Затоа повикувам кон целокупната јавност и сите чинители на заедницата да покажат: почит, поддршка, разбирање, соработка и трпение за сите промени што ни се случија нам, но и на целиот свет.
Сметам дека крајно време е да се врати интегритетот и достоинството на наставникот, бидејќи само со мотивирани наставници можеме да создадеме вистински општествени вредности, можеме да изградиме силна и демократска држава, во која има разбирање, толеранција и почитување.
Драги наставници, во оваа криза уште еднаш ни покажавте дека сите ние имаме сериозна одговорност да се грижиме за вас, да покажеме разбирање за вашата работа и за вашиот професионален развој и поддршка.
КРЕАТОРИ НА ИДНИНАТА
Да се биде наставник денес, значи да се биде дел од глобалните промени што ги донесе актуелната состојба. Да се биде наставник во вакви услови, значи да се биде, не само партнер во училницата, туку и поддршка, мотивација, лидерство, иновација и креација на нови начини на работа.
Како никогаш досега, на овој 5 октомври станавме свесни за важноста на наставниците и нивната работа, за нивното секојдневно вложување во услови на криза и, посебно, за нивната несебична помош – не само на децата, туку и на семејствата, родителите и на сите оние што се грижат за своето здравје. Тие покажаа исклучителна општествена одговорност, посветеност и храброст да се соочат со реалноста и индивидуално и колективно да изнаоѓаат решенија.
Светот го одбележа 5 октомври под едно мото: Наставници – водачи во кризата и креатори на иднината. Јас навистина верувам во вашата моќ и сигурна сум дека тоа ќе биде нашата стварност. Вие сте наша национална сила и гордост!
Учиме од Вас. Ви благодариме.