Во изминатите 25 години демократски плурализам, научивме дека „стабилните влади“ многу лесно преминуваат во диктаторски влади, а „стабилните парламентарни мнозинства“ во безгласни поддржувачи на диктатурата.
Пишува: Гордана ПОПСИМОНОВА
Редовно ги читам колумните на професор Ѓорѓи Спасов во „Утрински весник“ и неговите прагматични совети како да се победи Груевски и приватизираната му партија на следните вонредни парламентарни избори закажани за 11 декември. Во делот на политичките препораки, поприлично се идентификував со неговиот текст со наслов „Кроткоста на овој народ некого може да залаже“ (Утрински весник, 26.08.2016 г.), во кој авторот јасно, прецизно и точно наведува кои и какви треба да бидат наредните чекори за уривање на режимот.
Во делот на она што јас го нарекувам „политичка мудрост“, посебно би ја издвоила оваа мисла на професорот Спасов:
„Тоа би можело да се случи (се мисли на изборна победа на опозицијата м.з.) само ако меѓу лидерите на опозициските партии, групи и поединци биде надминат т.н. „нарцизам на малите разлики“ за кои говори Фројд, ако СДСМ ја смали својата лакомост во однос на бројот на пратеничките места за себе и ако се сфати дека промената на една ваква авторитарна власт на избори е првиот услов за враќање на самодовербата на народот во промена на која било наредна власт на избори, односно за враќање на неговата слобода за избор, пред да мора тоа да го прави со револуција и жртви“.
Честитам професоре! Со една реченица го кажавте она што јас со години наназад го тврдам и го барам – да се создадат системски предуслови за елиминација на тоталитаризмот во Македонија, кој е инсталиран во сегашниот политички модел на оксиморонот познат под називот „плуралистички двопартизам“.
Повеќепати напишав и ќе повторам: Груевски не е роден како диктатор. Тој се претвори во тоа поради серија околности, а, пред сѐ, поради срамно ниското ниво на нашата политичка култура произлезена од изборниот модел, кој продуцира султан – партии. Тие произведуваат една первертирана логика според која „победникот добива сѐ“, од која се изнедрува строго централизирана партиска хиерархија, а под тоа се подразбира партизација на државата.
Со други зборови, свесно се става знак на равенство меѓу државата и партијата, а сето она што следи потоа – лажирање на изборите, контрола врз медиумите, репресија врз неистомислениците, притисок врз судството, маргинализирање на опозицијата и злоупотреба на државните пари, е само логичен нус-ефект на еден таков дефект. Дефектен систем создава дефектни лидери, кои продуцираат дефектни ситуации и односи. Што има тука нејасно?
ДВОПАРТИЗМОТ КАКО БАУК
И затоа, идентично на професорот Спасов, и јас јавно го повикувам лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, дека сега е времето да покаже и докаже колку е искрен во намерата да ги промени состојбите во Македонија, бидејќи воопшто не мислам дека е доволно само да се промени Груевски. Или да бидам појасна: Груевски не е автентичен проблем сам по себе кој се решава со простата математичка операција – минус, туку тој е дел од едно погрешно склопено множество составено од закони, правила, традиции и од практики.
Секој оној што ќе дојде на негово место, доколку не се нафати на суштински измени, ризикува да биде новиот македонски диктатор. Да бидам појасна – груевизмот не се победува со заевизам, туку со елиминација на условите за неговото настанување. Сега е вистинското време, бидејќи оваа шанса никогаш нема да ни се повтори.
Инаку, не го поддржувам Заев затоа што е добар презентер на аудиоснимки, туку затоа што сѐ уште ме држи вербата во неговиот демократски капацитет за укинување на двопартизмот, за кого одамна имам кажано дека е полош од еднопартизмот. А формулата е едноставна: Македонија да биде една изборна единица, изборите да бидат со отворени листи со минимален изборен праг (предлагам да биде околу два отсто), а во владата да влезат сите оние политички партии кои го освоиле предвидениот процент гласови.
Сметам дека со тоа ќе се намали влијанието на султан-партиите, ќе се отвори простор за нови политички субјекти, ќе се добие вистинска политичка конкуренција и, што е најбитно, администрацијата, судството и медиумите конечно ќе добијат чист воздух, ослободен од партиските притисоци.
Родена сум во СФРЈ, односно во СРМ и многу добро паметам што значи еднопартиски систем или едноумие и, оттаму, тврдам дека полоша опција од еднопартизмот и едноумието е ДВОПАРТИЗАМ И ДВОУМИЕ. Тоа е автентична творба на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои преку мнозинскиот изборен модел (1990 и 1994 година), па преку комбинираниот (1998 година), финишираат во хибриден пропорционален модел (од 2002 година, па наваму). Велам „хибриден“, затоа што сегашниот пропорционален изборен модел со шест изборни единици е неправеден, бидејќи во себе крие долен изборен праг кој изнесува пет проценти, што веројатно е меѓу повисоките во Европа.
Или, да го објаснам тоа посликовито – една партија може да добие 50 илјади гласови рамномерно распоредени во шесте изборни единици (ИЕ) и да не освои ниту еден пратеник. За разлика од неа, другата партија (најсоодветен пример ми е ПЕИ на Фијат Цаноски), може да концентрира девет илјади гласови во една ИЕ и – да освои пратеник. За споредба – првата партија освоила 50 илјади гласови и нема ниеден пратеник, а втората со помалку од 10 илјади, добива пратеничко место. Има ли овде праведност?
Или да го анализираме т.н. „Донтов модел“ за поделба на НЕОСВОЕНИТЕ ГЛАСОВИ за да покажеме како големите партии легално им ги крадат гласовите на помалите, преку трикот наречен „шест изборни единици“. Намерно двата збора ги напишав со големи букви, бидејќи се работи за еден чисто математички принцип, кој во основа ги третира величините врз основа на остатокот, кој се прераспределува кај највисоките суми.
Во превод, сите оние помали партии чии освоени гласови не успеале да го достигнат лимитот за пратеник (кој во зависност од излезноста, обично се движи од осум до 10 илјади гласа по ИЕ), му ги „подаруваат“ гласовите на првиот по освоени гласови.
Да упростам до крај – ако водечката партија при првото пребројување има Х освоени пратеници, при второто пребројување го презема остатокот од гласовите од оние што не го поминале цензусот. А тој број воопшто не е занемарлив и, според досегашните искуства, се движи околу 20 проценти, во зависност од излезноста на гласачите.
За сите оние кои не го разбираат овој модел до најситните подробности, подготвена сум да напишам текст со детална математичка елаборација за легалното „позајмување“ (читај, кражба) на гласовите на помалите партии од страна на големите.
Поентата ми е дека нашиот сегашен македонски пропорционален систем во режија на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, поделен на шест изборни единици (трите од дијаспората намерно ги прескокнувам, бидејќи тука апсурдот е уште поголем) го поттикнува двопартизмот, а ја отфрла идејата за повеќепартиски систем. Од тие причини, неопходно е итно да се промени изборниот систем и да се гласа во една изборна единица со отворени листи на кандидати. Доколку сакаме вистински плурализам на партии, идеи и проекти.
ОД НЕКАДЕ МОРА ДА СЕ ПОЧНЕ
Одиме на отворените листи. И за нив, како опција, неколку години наназад се води жестока дебата во македонската политичка јавност. Според сегашниот модел, избирачите можат да гласаат само за кандидатските листи, без можност за избор меѓу индивидуалните кандидати. Овој модалитет на пропорционалниот систем се нарекува пропорционален изборен систем со затворени листи.
Во превод, лидерот на партијата (султанот), според свое видување, односно врз основа на сопствените критериуми за заслуга (послушност) си ги рангира кандидатите на листата, а врз основа на процентот освоени гласови и со помош на Донтовиот модел, тие влегуваат во Парламентот според редоследот наметнат од лидерот (султанот). За разлика од таквиот модел, системот со отворени листи му овозможува на гласачот, покрај можноста да гласа за кандидатската листа, да избере и еден или повеќе кандидати од предложената кандидатска листа (т.н. преференцијално гласање) и со тоа да влијае на конечниот избор.
Колку е поголем бројот на преференцијални гласови кој го има избирачот, толку е поголема можноста да се влијае врз изборот на кандидатите и толку е поголем натпреварот меѓу самите кандидати за гласовите на избирачкото тело. Истовремено, толку е помало влијанието на лидерот (султанот) на потенцијалните пратеници и, што е најважно – веќе во преден план не се партиите, туку и кандидатите. Значи, секој лидер на партија, ќе настојува на листата да има што е можно поголем број познати, докажани и почитувани кандидати за пратеници, а не како што е сега – послушни, покорни и евет-ефенди анонимуси.
Накусо и за мојот предлог за укинување на долниот изборен праг. Идејата ми е во Парламентот да влезат што е поголем број партии кои ќе освојат доволен број гласови за пратеник (погоре напишав дека во зависност од излезноста, бројот на гласови за еден пратеник се движи од осум до десет илјади). Поаѓам од убедувањето дека доколку Македонија се трансформира во една ИЕ и доколку се минимизира долниот изборен праг, со тоа автоматски се демотивираат т.н. „предизборни коалиции“, односно се елиминираат сегашните манипулации со помалите политички партии.
Има еден куп демократски политички субјекти сведени под општото име „помали партии“, кои без никаков проблем можат да освојат повеќе од 20 илјади гласови (односно неколку пратеници). Со тоа се отвора можност за постизборни коалицирања, односно за формирање на толку потребната и посакувана „трета опција“ во Македонија, која ќе биде вистински коректив и ривал на сегашниот политички биполаризам.
Моите аматерски калкулации велат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ одат сами на избори според овој изборен модел, ќе бидат покуси за 10 до 15 пратеници. Значи ќе бидат принудени да коалицираат, да прават компромиси, да преговараат, односно со еден збор – да научат што е тоа политика во услови на вистинска парламентарна демократија.
Има и други елементи кои ги предлагам како можни интервенции кои суштински ќе го изменат сегашниот политички систем во Македонија, но за нив во друга пригода. Засега останувам на овие, бидејќи знам дека со години наназад се води дебата за целисходноста на нивната примена.
Изборниот модел е еден од моите најголеми непријатели, бидејќи тој произведува „стабилни влади“ и уште постабилни „парламентарни мнозинства“. Во изминатите 25 години демократски плурализам, научивме дека „стабилните влади“ многу лесно преминуваат во диктаторски влади, а „стабилните парламентарни мнозинства“ во безгласни поддржувачи на диктатурата.
Затоа безусловно го поддржувам професор Ѓорѓи Спасов во неговиот предлог идната платформа за обединување на целата опозиција да биде гаранцијата на СДСМ дека по одреден период по победата на изборите ќе се промени изборниот модел. Патем, многу добро знам дека и тој не е совршен и има многу слабости, ама… од некаде мора да се почне.