Делуваше синоќа како да славиме пораз. Мислам дека и музичарите така се чувствуваа. Бев во Градски парк и прво нешто што сфатив е дека никогаш на концерт на „Архангел“ намало толку малку луѓе. Каде беа илјадниците нивни обожаватели? Дали е народот против референдумот? Дали се луѓето против промена на името?
Од друга страна нема многу глави ни на протестите за одбрана на името. Енергијата набрзо опадна и овие протести се сведоа на петмина души кои блокираат цел сообраќај во центар. Но ни тоа не значи дека повеќето се за промена на името.
Во целата магла јасно е само дека мнозинството е се уште мрзливо и пасивно да се избори за своето право, да го искаже своето мислење, да застане во одбрана на своите интереси.
Низ целиот процес на преговори бев за нивно прекинување. Никогаш не сфатив зошто сме доведени во таа положба некој да не условува за работа која на никаков начин не му штети. Како на Грција ќе и наштети името со кое се ословуваме? Се надевав дека некоја гарнитура ќе има дигнитет официјално, јасно и гласно, без скриено лицемерие и задкулисни преговарања, да ги прекине преговорите.
Се уште сметам дека таа голгота требаше некако да се заврши, или со прекин, или со конечно решение.
Кога веќе стигнавме до решението, сметам дека процесот треба да го окончаме. Нашиот јазик ќе биде признаен како македонски, што сметам дека е најголема придобивка. Решението за државјанство, не е идеално, но изгледа дека повеќе револт предизвика кај соседите отколку кај нас.
Премногу услови ни се наметнуваат, но ништо не задира во моето национално чувство како една работа. Сметав и се уште сметам дека македонската страна единствено направи историска грешка со тоа што не инсистираше во Договорот да биде инкорпорирано прашањето за егзодусот. Тоа е за мене побитно и од промената на името на државата. Македонија мораше да инсистира Грција со Договорот да го признае егзодусот врз Македонците од Егејска Македонија. Тоа требаше да биде нашиот прв услов. Сега кој ќе одговара за таа неправда која им е нанесена на стотина илјади животи?
Тоа е мојот став за Договорот. На вчерашиот концерт во градски парк поради хајката на омраза што се водеше до последен момент, се осетив како да сме обележани сите таму што присуствуваме. Иако етикетирањето трае со години кај нас, во режимот на ВМРО-ДПМНЕ бев платеник, опозициски новинари, шарен комуњар и.т.н., сепак не се навикнав на тоа. Не можам да се навикнам некој да ме оцрнува поради своето мислење. Фала богу што не можам да се навикнам на тоа.
Не смее да и се дозволи на некоректната политика која пропагира страв и омраза да надвладее со јавниот простор. Иако воглавно го определува јавното мислење, сепак не смее да попушти отпорот кон националистичката реторика, омразата кон „другите“ (како што Комити денеска ги нарекоа велејќи дека се поцивилизирани од „другите“, што и да значи тоа), не смее да попушти отпорот кон едноумието, фашизмот, дискриминацијата и закоравеноста.
Зошто? Затоа што тоа доведува до игнорантност и злосторства од колосални размери. Тоа доведува до труло општество, напуштање на етнички вредности на сметка на одредена идеологија, до поделби на граѓани од прв, втор, трет ред и до неправда.
Да скратам.
Не се плашам од преименување. Се плашам од тоа луѓе како Александар Поповски да напуштаат институции и да кренат раце од државава, но тоа се случи. Се плашам од тоа најдобрите наши уметници да ја напуштаат државава, но тоа се случува. Се плашам да не останам во државава само со грст луѓе со кои може да се направи нормален муабет без предрасуди, а и тоа се случува.
Се плашам да завладее повторно корумпирана власт која никој нема да може да ја контролира, и тоа се случува. Се плашам повторно ВМРО ДПМНЕ да не воспостави режим во кој со државната цицка ќе се товат бизнисите на Мијалков, а тоа многу реално и ќе се случи затоа што мафијата се уште владее со партијата што ќе го наследи „тронот“.
И најиронично, сите вие паметни и убави луѓе што се иселивте, најчесто првоборци за името но има и „предавници“ меѓу вас, речиси сите сега живеете во земји на ЕУ и НАТО. Токму тоа што го сакаме и ние.
Не сакам да звучам предупредувачки и апокалиптично, но не гледам каква иднина имаме овде доколку ја пропуштиме шансата. Гледам само зголемена корупција и поголемо незадоволство кај Албанците. Разочарувањето кај нив сигурно ќе поттикне нови инциденти и ново Диво насеље.
Но ние сме навикнати на тоа. Како до сега, така од сега…
Па не баш. Луѓето не се свесни дека квалитетот на живот е тука драстично опаднат. Пред се затоа што интелектот е иселен, затоа што царува клиентелизам и корупција.
Но нема да навлегувам во тоа во каква бара живееме. Тоа е процес на иницијација кој секој поединечно треба да го помине.
Битно ми е да нагласам дека и со промена на името ништо не губиме, освен нашата античка историја. Што ми е многу мило пошто не е ни наша, а и онака е само циркуска творба на докторот на науки Груевски.
Го губиме и достоинството, кое да, до сега го имавме. Баш бевме нација што реди успеси и што се гордее со своите научни и иновативни достигнувања. Иванов по ѓаволите не претставува надвор од земјава… Иванов….
Жално, но вистинито е тоа што немаме што да изгубиме, немаме многу, а и тоа што го имаме, а кое не може да се изгуби, закопано е во заборав. Нашите културни вредности, изградени во време на Југославија, згаснаа под напливот на антиквизација. евтин шунд и скапа пропаганда.
Да завршам пошто и онака е ова млатење празна слама од причина што во оваа земја никој не сака да чуе мислење и аргументи спротивни на неговите, затоа што одма се чувствува како му се загрозува националниот идентитет.
И да го завршам текстов со изветвена реченица како и што го насловив. Јас сум од оние што ќе гласаат предавнички на референдум, па ако ти се пука, пукај бе братучед, пукај.
Маја Васева