Шекеринска: На сите ни е доста од лоши вести и трауматични искуства

by fokus

Денеска е ден кога можеме да кажеме дека нешто успеавме заедно, дека за оваа држава издејствувавме две историски шанси – почеток на преговори со ЕУ и покана за НАТО.

Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која присуствува на прославата во Скопје по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО, што ја организира Владата во уште 14 други градови во земјава под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“.

– Многу години имавме чувства дека ја пропуштаме секоја шанса и дека лоши работи се случуваат на државата и на граѓаните. На сите нас ни е доста од лоши вести од трауматични искуства. Да кажеме дека кога сме заедно, кога знаеме што сакаме дека навистина можеме да покренеме планини. Чувството на сите денеска во различни градови низ Македонија е токму тоа, сакаме добри вести и сакаме резултати. Заедно можеме да ги оствариме, рече Шекеринска.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува доколку сите работи се направат како што треба, шансите се големи Македонија следната година да стане земја членка на НАТО.

– Ако не го губиме времето, ако не дадеме шанса на политикантите да ни ги носат политичките одлуки, туку на граѓаните следната година шансите се големи Македонија да стане земја членка на НАТО, истакна Шекеринска.

На новинарско прашање колку пари се потрошени за уметниците кои учествуваат на прославите низ Македонија, Шекеринска повтори дека веднаш по завршувањето на прославата сите информации ќе и бидат дадени на јавноста.

– И до денеска за сите теми, а и за оваа ќе важи истото, Владата никогаш не ги крие ниту податоците, ниту информациите. Секогаш сме достапни за прашања. Секогаш не даваме само изјави, туку очекуваме и тешки прашања. Прашања на момент е само кога ова ќе биде достапно, истакна Шекеринска и додаде дека очекува од понеделник овие податоци да бидат достапни.

Поврзани новости