Да беа нашите политичари поети, сигурно ќе даваа понекогаш изјави во стихови со рими. Но, бидејќи сепак тие не се поети, ни останува само да замислиме како би ги објасниле пред јавноста своите (не)дела во периодот од изминатата недела.
*Во секоја од строфите има линкови за сериозната вест од која се инспирирани стиховите.
Да беше поет Зоран ЗАЕВ ќе кажеше:
Тоа е сѐ народе, време е да ви кажам чао, и да отстапам место на друг,
ама мораме да глумиме демократија: на 12.12 ќе трчаме изборен круг!
Па ги молам членовите партиски на мојот пулен поддршка да му дадат,
и да нема поделби, ако сакаат да продолжат како власт лепче да јадат!
Да беше поет Христијан МИЦКОСКИ ќе кажеше:
Го чувте ли Антонио, дека сигурно во декември датумот нема да дојде,
џабе е тртење пред Бугари, а договор со нив ако дојде така и ќе си ојде!
Ќе поништиме што било да потпишат Заевци, и тоа „реалност“да е нема,
а ќе го поништам и новиот лидер на СДСМ, тој не знае што му се спрема!
Да беше поет Билал КАСАМИ ќе кажеше:
Нема да верувате, но го задолжила Теута со 24 милиони евра мојот град,
за да следат граѓаните како оди долгот, ќе ставам бројчаник на плоштад!
Го советувам Мицко да стави бројчаник и тој, за пратеници ако бара пак,
колку му фалат до 61 за преврат, чисто да знаеме сите дали е стварно јак!
Целата рубрика е објавена во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.