Да беше жив, татко ми со песна ќе се бореше против неправдите, вели Харита, ќерката на Гоце Арнаудов

by fokus

Ми ја топли душата тоа што гледам дека и денес, на девет-годишнината од смртта на мојот татко, народот не го заборава. На телевизија одеа емисии за него, на социјалните мрежи се објавуваат негови песни, многу луѓе ми се јавија утрово, само да ни кажат дека не е заборавен – во телефонски разговор за ,,Фокус” раскажува Харита, ќерка на легендарниот фолк пејач Гоце Аранудов.

Тој почина на денешен ден, пред девет години, по тешко боледување, а зад себе остави евергрини кои и денес се слушаат. Познат како еден од најуспешните музичари кој полнеше концертни сали каде и да се појави, миленик на дијаспората и човек кој со музиката ја славеше љубовта кон Македонија, Гоце имаше естраден успех кој ретко кој негов колега го остварил со новокомпонираната фолк музика.

Харита појаснува дека нема ден во нивниот дом да не се слушаат неговите песни. Таа живее со сопругот и ќеркичката во Охрид, а нејзината мајка Силвија и братот Оскар останале во родната Струмица. Сепак, вели дека денес, заедно во Охрид сите ќе се соберат и ќе го одбележат денот.

-Тој беше неповторлив лик, многу ни недостасува. Се бореше за правда, за својот народ, како што знаеше да каже – со песната. Многу голем родољуб беше, и познавајќи го, знам дека да беше жив денес, бурно ќе реагираше на сите неправди кои му се случуваат на нашиот народ. И знам дека со песна ќе се бореше на свој начин, за подобар живот, за достоинството на нашата земја-раскажува Харита.

Додава дека се сеќава на сите мигови поминати со својот татко, на многубројните патувања, на неговите турнеји…

Животот продолжува без него, вели, има моменти кога ќе не стигнат емоциите, па ќе си поплачеме дома, има моменти кога со гордост си спомнуваме на него, се смееме за разни случки, и секогаш останува оној белег кој тој го остави во историјата на нашата музика.

-Посветена сум на ќеркичката, на пат е и втората ќерка, по втор пат ќе станам мајка по новогодишните празници. Мајка ми брат ми често доаѓаат во Охрид, како семејство сме многу блиски, знам дека дека и татко ми многу ќе се радуваше на внуките… Често го спомнуваме, драго ми е што и медиумите и народот не го забораваат. Неговите песни остана зад него како еден вид на лектира која нема рок на траење – изјави Арнаудова.

Гоце Арнаудов почина на 57-годишна возраст во Скопје. Има напишано над 200 песни, а на повеќе од 60 фестивали има освоено прва награда. Пред десет години во Струмица доби награда за пејач на деценијата и беше прогласен за почесен граѓанин.

Вики Клинчарова

Поврзани новости