Да беше дете на политичар со хеликоптери ќе го бараа, вели сестрата на Мицковски кој исчезнал пред 40 дена

by Fokus

Цели 40 дена живееме во неизвесност и трагаме по одговор што му се случило на мојот брат. Младо момче, одговорно, расположено да излезе од дома и да исчезне без трага, секако дека најпрвин ќе помислите на нешто лошо – вака за „Фокус” раскажува Александра, сестра на Димитар Мицковски од Стругово, Демир Хисар, кој заминал да собира печурки и не се вратил назад.

Последен пат го сретнала неговата тетка на 25-ти јуни, кога и кажал дека оди во блиската шума по печурки. Бил расположен, ништо не навестувало дека тој нема да се врати дома и без објаснување ќе замине во непознат правец.

-Покрај Димитар имам уште една сестра, имаме мајка, татко ни е починат. Вакво нешто, брат ми едноставно без збор да го снема, никогаш не ни се случило. Тој е скромно момче од село, собираше дрва, печурки, сме немале никакви проблеми. Последна го видела тетка ми, а во викендичката на планина му ги најдовме личните документи, телефонот, новата облека. Се пресоблекол и тргнал, а каде завршил, никој нема одговор. По него се трагаше само еден ден, дојдоа 12 полицајци, лица од шумското и волонтери. И тоа беше се. Уште нема листинг на повици, телефонот не е вештачен, никој не ни кажува до каде е истрагата. Очекувавме да се бара со дронови, па и со хеликоптер… И верувам дека да беше дете на некој политичар, додека не го најдеа, хеликоптерот немаше да престане да ја пребарува планината – раскажува Александра. Додава дека е разочарана од надлежните служби и од нивната ажурност.

-Ако ние не се јавиме да прашаме до каде е истрагата, дали има нешто ново, нова трага, никој не ни свртува број самоиницијативно. Не знам зошто во потрагата не се вклучија и кучиња трагачи, војска… Живееме во неизвесност, не тргнува ѕвонењето на телефонот, постојано очекуваме некаква вест, а времето си минува. Не сакаме и овој случај да падне во заборав, бараме одговори. Пасошот на брат ми е дома, јасно ни е дека тој по сопствена волја нема заминато без поздрав. За млад човек се работи, институциите мора да се придвижат, да не престанат со потрага додека не се најде. Апелирам за темелна потрага – порача сестрата на Димитар.

Дента кога исчезнал, тој бил облечен во тренерки во тегет боја и црно капче. Сите кои имаат било каква информација со случајот, да се јават во полиција или кај Александра на телефонскиот број 076 748 082.

Вики Клинчарова

Поврзани новости