Сашо не продавал канабис (не е ни гонет за тоа), не остварувал илегална финансиска добивка, не загрозил ничие здравје, освен што помогнал на болниот родител.
Пишува Јанаки МИТРОВСКИ
Замислете си за момент семејна состојба каде што имате четириесет и седум години, дете од три години, кое е супер приврзано со вас поради фактот што вашата работа ви дозволува екстра слободно време. Потоа, замислете дека имате мајка пензионер на седумдесет години и татко пензионер на седумдесет и некоја година, кој има невролошка состојба што го врзува за кревет и буквално му е потребна помош да оди до тоалет да врши нужда.
Со години сте консумент на канабис и со време сте доживеале тој да се користи како лек, меѓу другото, и за состојбата на вашиот татко. Висококвалитетниот канабис е скап и достигнува до 11 евра од грам или преведено на месечна основа за да му помагате на татка си само за масло, кое хипотетички самите би го правеле, би ви требале 300-500 евра. Тоа е огромен удар за семејство во Македонија што е со скромни примања.
ДВЕ СТЕБЛА КАНАБИС
Маката ве тера да засадите две стебла канабис. Судбината, пак, ви сместила лоши соседи, кои ги виделе стеблата на терасата и ве пријавиле. Со најдобра намера неговиот тогашен бранител водел погрешна одбрана – право на самолекување, помош на себе и близок. Колку и да звучи тоа логично, на суд не минува. Добивате максимална условна две со пет, згора на тоа и пробација. Но, лошата состојба на татко ви ве тера повторно да засадите само две стебла канабис.
Злите соседи, или кој и да е, повторно го пријавува Сашо и овојпат е во многу понезавидна положба, бидејќи ја прекршува условната. Обвинителството бара притвор, судот му одредува домашен притвор, кој совесната обвинителка не го продолжува откако поднесува обвинение. Како одбрана изготвивме три вешти наоди, невролошки за состојбата на татко му и потребата од туѓа нега, гастро за неговиот болен желудник и психијатриско за употребата на канабисот.
Јавниот обвинител, колешка чие име нема да го спомнам, бидејќи за разлика од Сашо не сум побарал дозвола од неа, ама да речеме се вика како бившата сопруга на Игор Џамбазов, беше супер совесна, со максимално разбирање за Смилевски, а, за несреќа, неа ѝ се паднал тој предмет и мора да се тера.
Пробациската канцеларија, на барање на судечкиот судија, побара и доби извештај, кој сметаше дека не треба да му се одреди затвор затоа што работи, има работни навики, се грижи за родителите и синот итн.
СЛОБОДА ЗА САШО
Судот немаше разбирање за состојбата на Сашо, фактот истиот делото и претходно и сега го чини од благородни побуди и, од немајкаде, тешката здравствена состојба на родителот, и му одреди казна затвор од две години.
Колку и тоа да ме лути, не можам да ѝ замерам на судијката, затоа што, не само што не формално е во право, туку и го „чести“ , бидејќи според законот и праксата треба да му одреди едно 3-5 години затвор. Но, тоа е мала утеха за Смилевски, па и за мене. Никако не можам да се согласам со оваа одлука, која се базира исклучиво на фактот да го прекршува условот, а не навлегува во суштината зошто е делото сторено.
Culpae poena par esto е римска максима, која преведено значи казната да одговара на делото. Никој, освен најтврдиот правник, не би се согласил дека во конкретниот случај казната одговара на стореното. Сашо не продавал (не е ни гонет за тоа), не остварувал илегална финансиска добивка, не загрозил ничие здравје, освен што помогнал на болниот родител. Идентичната постапка ја правев и јас за мојата мајка, која боледуваше и почина од канцер, со тоа што канабисот го купив, а не го растев, и да бев фатен, ќе бев суден како да сум криминалец.
На пресудата секако дека вложив жалба, но не сум преголем оптимист. Затоа следната недела, до претседателот на државата ќе поднесам иницијатива за аболиција. Кога политичари го користеле овој институт во повеќе наврати за да се спасат од кривичен прогон, тогаш сметам дека Пендаровски, не само што треба, туку е и должен да ја прекине постапката додека таа не станала правосилна. Слобода за Сашо!