Ковачевски: Ние сме дел од европското семејство и ги делиме истите вредности

by Fokus

После 65 години од потпишувањето на Римскиот договор на кој се темели денешната Европска Унија, повеќе од јасна е неопходноста за зголемување на единството во Унијата, за реализација на ветеното, за обединета, единствена и економски силна Европска Унија, со целосно интегриран Западен Балкан.

Ова го порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски  во обраќањето со кое ја отвори сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ во рамки на Преспа Форумот за дијалог.

-Преговори, сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но, еве нѐ денес, сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива. За нас, ЕУ интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции, нагласи Ковачевски.

Имаме направено многу одрекувања, нагласи тој, сме донеле тешки одлуки за зачленување во ЕУ и НАТО, за подобра иднина на граѓаните. Членството во НАТО е постигнато. Поради една блокада, Европската Унија не ги исполнува ветувањата, иако има широка поддршка од земјите членки, за што сум навистина благодарен јас и граѓаните на државата.

-Продолжуваме да работиме на европеизација на севкупниот систем во државата, европските демократски и општествени вредности ги имплементираме дома. Ние сме дел од европското семејство и ги делиме истите вредности, додаде Ковачевски.

Поврзани новости