И покрај сигналите од Вашингтон за можна средба меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски, Кремљ засега ја отфрла.
„CNN“ пишува дека рускиот претседател не е подготвен, а можеби никогаш нема да биде, да седне на иста маса со Зеленски.
Откако Белата куќа соопшти дека идејата за билатерална средба е договорена, Кремљ веднаш ги намали очекувањата. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, рече дека „имало дискусија за подигнување на нивото на претставниците на Русија и Украина“, но без да ги спомене самите лидери.
Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров додаде во интервју за државната телевизија дека Москва „не отфрла никаква форма на работа“, но нагласи дека состаноците на највисоките функционери мора да бидат подготвени „со најголема грижа“.
Преведено од жаргонот на Кремљ – средбата Путин – Зеленски нема да се случи наскоро.
Путин ја започна војната со признавање на самопрогласените „републики“ во Доњецк и Луганск. Оттогаш, не ја признава Украина како независна држава, но тврди дека е дел од руската историја и култура.
Во понеделникот, Трамп напиша на Truth Social дека „започнал подготовки за средбата меѓу Путин и Зеленски“. Но, веќе следниот ден призна дека прашањето не е договорено: „Јас некако го наместив, но тие се оние што одлучуваат“.