„Изјавите на Мицкоски за „успешна влада“ и „реформи“ не се ништо друго освен обид да се прикрие растечкиот страв од падот на рејтингот и гневот кој се акумулира кај граѓаните поради неспособноста и хаосот што оваа власт го создаде“ соопштија денеска од опозициската СДСМ.
„Смета ли Мицкоски навистина дека граѓаните не гледаат што се случува? Дека ќе поверуваат дека нема корупција, додека институциите се претвораат во партиски испостави?Дека ќе поверуваат во реформи, додека најважните ветувања од програмата останаа на хартија?“ прашуваат од партијата.
Сметаат дека „Владата нема со што да се пофали, па сега преку лажна помпа се обидуваат да го деморализираат народот да ги казни на изборите. Попусто се обидува Мицкоски да создаде илузија на поддршка која одамна ја нема. Вистината е болна за ВМРО-ДПМНЕ, по само една година владеење, народот е разочаран, ветените промени не постојат, а секојдневието на граѓаните е сè потешко“.
„Гледаме институционален хаос, партизација без срам, нула реформи во правдата, афери без разрешница и молк за сите скандали кои ги тресат институциите. Во ваква состојба, Мицкоски може да повторува колку сака дека нема корупција и дека владата функционира стабилно, но народот не живее во наративот на премиерот, туку во реалноста што ја создаде неговата неспособна влада. И таа реалност е сурова. Изјавите на Мицкоски не се израз на сила, туку одраз на паника“ велат од СДСМ.