Со идеја да го карактеризирам Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби но и со апел до сите.

by lali

Преку хуманитарна акција на Жито Лукс, во рок од неколку дена посетив 5 дневни центри за деца со посебни потреби. Во разговор со таму вработените, условите сега се подобри од порано, но сепак се уште се импровизира и од ништо се прави нешто, се фарбаат ѕидови, се преуредуваат собите со идеја за да има промена и не биде монотоно. Искрено, тие деца заслужуваат многу подобри услови. Дури и буџетот им е скратен и немаат појадок. Oсвен во Прилеп каде Градоначалникот и општината решиле да го овозможат појадокот.

Кога ќе можете посете ги, онака без некој повод. Ако можете купете кеса бонбони и почастете ги, со ќеф и од срце. Ќе им донесете многу радост, тие на секој гостин се радуваат. Се гушкаат, се смеат, се поздравуваат. Во Прилеп им ги врзував патиките на повеќето. Пуно радости, ме гушкаа, ги гушкав. Супер дружељубиви се. Во Куманово бев сведок на генералната проба за нивниот настан во драмскиот театар. Пееа и играа. Душата ми ја наполнија со топлина.

За жал, овие луѓе во Македонија секојдневно се соочуваат со бариери кои го попречуваат нивното учество во општествениот живот. Затоа апелирам до сите родители да ги запознаат сопствените деца со своите врсници кои имааат пречки во развојот, да им објаснат за што станува збор и дека тоа не е ништо лошо и чудно туку дека и тие се деца, и тие знаат да се радуваат и си играат.

Знам, можеби некои од вас и ќе си речат, „жал ми е, не можам да одам, тоа ме растревожува.“ Но верувајте, таа ваша „растревоженост“ веднаш ќе се изгуби кога ќе ја видите нивната искрена насмевка. Кога ќе ве гушнат и поздрават затоа што некој дошол и ги посетил. Срцето ќе ви се стопли затоа што тие деца се полни со љубов и пријателство. Заслужуваат внимание и радост. Дајте им ја. И секоја чест на вработените, се трудат и се грижат како за свои деца.