Мирчески: Половина од дрвјата не се фатиле, а отишле над 4 милиони евра?

by Фокус

Власта ги задолжи граѓаните со огромни суми пари за активност од којашто не само што нема ефекти, според достапните информации, туку шумскиот фонд дури се намалува.Садењето дрвја е благородна активност, ако таа е реална и има резултати за животната средина. Но што се случува во Македонија? Со вакви обвинувања на адреса на власта излегоа од опозицискиот СДСМ.

Тие тврдат дека според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, за 4 години, откако почнала акцијата “Ден на дрво“, шумскиот фонд наместо да се зголеми, се намалил за неверојатни 50 проценти.

– Од пошумени над 2.800 хектари во 2008 година, кога почна акцијата – во 2012 година пошумената површина се намалила на нецели 1400 хектари.А, овој “Ден на дрво“ досега однел околу 4 милиони евра пари на граѓаните на Македонија! И тоа само според пресметки од достапните податоци. Според буџетските ставки за оваа намена, од 2008 до 2010 година 1.5  милион евра пари на граѓаните се дадени за пошумување, а од 2011 година власта воопшто не предвидува пари во Буџетот за овој ден. За “Денот на дрвото“ Владата ги задолжува граѓаните кај ЈП Македонски шуми и тој долг, заклучно со 2013 година, според најновиот ревизорски извештај изнесува над 150 милиони денари или над 2.5 милиони евра – истакна Пеце Мирчески, претседател на Комисијата за животна средина и просторно планирање.

Според него, владата е должна да им одговори на граѓаните – каде се овие 4 милиони евра народни пари? Дали е точно дека Инспекторатот за шумарство при контрола на засадените површини утврдил дека ниту половина од засадените дрвја не се фатиле, ниту виреат?

Мирчески додава дека во последниве 9 години, Скопје останало без половина градско зеленило.

Поврзани новости