Чулев: Спасовски да си поднесе оставка и кривично да одговара

by fokus

Оливер Спасовски треба кривично да одговара и самиот да си поднесе оставка. Оставка треба да си поднесе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој повикуваше и се закануваше со етнички инциденти доколку не помине предлогот со кој Македонија ќе се асимилира и бугаризира, повика поранешниот министер за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.

-Оливер Спасовски воопшто не водел грижа за безбедноста на граѓаните учесници во протестот. Од овие причини и непреземање на мерки и активности дојде до сериозно нарушување на јавниот ред и мир, предизвикување на општа опасност и други кривично-правни дејствија. На овој начин од страна на партиските послушници на Оливер Спасовски е сторено кривично дело несовесно вршење на служба. Должност и задача на министерот и неговите соработници е да ја заштитат безбедноста на учесниците на протестот, а тие очигледно тоа не го направиле загрозувајќи го нивниот живот.

Инфилтрирани провокатори, провокативни легитимирања, уцени, закани, прекумерна употреба на брутална сила, непреземања на должни дејствија и друго е само дел од modusot operandi на овој хибриден режим во насока на модерирање на гневот на граѓаните особено на младите протестанти и предизвикување на инциденти и ескалација на протестот со крајна цел дискредитација и угушување на сенародниот граѓански протест, изјави Чулев на прес-конференција.

Тој објаснуваше дека МВР дозволиле да се случи сериозен безбедносен инцидент во кој лесно можеше да се случи да се изгубат и човечки невини животи.

-Оперативното планирање се врши врз основа на безбедносна проценка која вклучува безбедносни ризици вклучително и безбедносен ризик за учесниците на протестот. Притоа, се утврдуваат и сектори односно критични безбедносни точки каде што би можело да дојде до сериозни безбедносни инциденти односно нарушување на јавниот ред и мир.

Во таа насока согласно безбедносната проценка и оперативниот план се предвидува и соодветен распоред на полициски сили и средства и мерки и активности кои треба да се преземат. Речиси секогаш во досегашните оперативни планови секторот Мавровка односно плоштадот Скендербег е идентификуван како критична безбедносна точка.

За време на вчерашниот инцидент, од причини познати на министерот, на оваа локација, каде е неопходно дури и висинско обезбедување, видливи беа само тројца позорникари. Ова значи дека целосно е потфрлено во физичкото обезбедување со непредвидување на доволен број на полициски сили и соодветни материјално-технички средства.

Дополнително, од професионално неразбирливи причини, мистериозно затаило и оперативното обезбедување, во насока на благовремено информирање за групирање на лица со намера за попречување на протестот и загрозување на јавниот ред и мир и односно загрозување на безбедноста односно животот на протестантите, тврди Чулев.

Поврзани новости