Во ноември 2019 година до МВР односно лично до тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски од страна на менаџментот на ТЕ-ТО била доставена опсежна документација со сите оние инкриминирани дејствија, вклучително и стечаи на Топлификација, кои биле спроведени во рамките на таа компанија. По таа пријава од страна на Топлификација не е постапено. Истата документација од страна на менаџментот на Топлификација ми е доставена на 9 јануари како нов министер за внатрешни работи. Истата веднаш ја процесуирав до Одделот за организиран криминал и високи форми на корупција и колегите почнаа да постапуваат, истакна денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој рече дека на 4 февруари како МВР заедно со целата документација доставиле известување до Основното јавно обвинителство. Известувањето, посочи, содржеше и предлог конкретни мерки и активности односно наредни чекори кои треба да ги преземеме како МВР во однос на продлабочување и проширување на истрагата, меѓутоа засега од страна на Јавното обвинителство немаме добиено никакви насоки, никакво известување во однос на ТЕ-ТО.
– Со оглед дека се работи за сериозни индиции за постоење кривично дело, очекуваме во наредниот период Основното јавно обвинителство да ни даде конкретни насоки за постапување. Инаку ние како МВР во известувањето доставено до Јавното обвинителство имаме посочено и кои чекори и кои активности ние предлагаме да се преземат, додаде Чулев.