Поповски: Сѐ уште постојат центри на влијание и отпор за нормално информирање на Националната радиотелевизија

by Fokus 13:50
13:50
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, се обрати на тема „Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – влијанието на обезбедените услови за институционална и уредувачка независност на НРТ“, во рамките на јавната дебата посветена на „Финансирање, управување и регулација на Јавниот сервис – НРТ“.

Во своето обраќање, Поповски се осврна на важноста на реформите во сферата на медиумите, особено на јавниот радиодифузен сервис, при што нагласи дека оваа Влада по периодот на купена уредувачка политика и заробена држава, преку низа мерки придонесе кон намалувањето на политичкото влијание во медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор.

Министерот истакна дека оваа Влада ја артикулирала потребата од измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со цел професионализација и департизација на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис.

- Advertising -

Во обраќањето, Поповски посочи дека иако Законот за аудио и аудиовизуелни услуги бил изработен во поширок политички консензус во кој се интегрирани забелешките на новинарските и медиумските организации, како и клучните препораки на експертите, сепак опозицијата една година го блокирала овој клучен закон за реформските процеси во државата.

„Последниот бастион на отпор кон перспективите на државата остана Македонското радио. Таму за време на референдумот продефилираа сите најтврдокорни ликови кои сакаа крв да се пролее за да не се случи перспективата на Македонија. Кога Франција стави вето на почетокот на преговорите имаше вечер на француски шансони. Ви кажувам дека сѐ уште постојат некои чудни центри на влијание и на отпор на нормалното информирање и на нормалната програмска содржина што треба да ја нуди јавниот сервис. Она што Владата го прави е целосно ослободување на било какво политичко влијание или притисоци врз начинот на информирање и ја овозможуваме клучната улога на јавниот радиодифузен сервис објективно, професионално, навремено и точно информирање на граѓаните“, истакна министерот Поповски.

Исто така министерот Поповски ги истакна опструкциите околу изборот на членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за Советот на јавниот радиодифузен сервис, односно Националната радиотелевизија, каде треба да се изберат професионални персонални решенија, без постоење на судир на интереси и политички влијанија.

Поповски се осврна и на начинот на финансирање и при тоа наведе дека и овој модел, иако не е идеален, сепак му овозможува поголема финансиска стабилност на јавниот радиодифузен сервис, кој сега има можност да ги враќа долговите, полесно функционира, набавува нови програми, кофинансира копродукции.

Воедно министерот Поповски истакна дека Владата е подготвена да ја даде целата своја поддршка околу финансиското стабилизирање на јавниот сервис, но и за негова модернизација и воведување на нови технологии, по урнек на европските радиодифузни сервиси.

 

Поврзани новости