Чулев до граѓаните пред стапувањето на полицискиот час: Останете дома!

by Fokus

Од денеска од 21 часот стапува на сила полицискиот час во земјава, мерка која предвидува ограничување на движењето на  граѓаните, донесена на предлог на Комисија за заразни болести во Министерството за здравство за заштита на животот и здравјето на граѓаните и за спречување на понатамошно ширење на коронавирусот.

Одлуката важи секојдневно се до донесување на друга одлука на Владата.

Од оваа забрана се исклучуваат само лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, животнозагрозувачка состојба и лица кои имаат потреба од дијализа, исклучиво во присуство од најмногу 2 лица. Доколку вакво возило биде запрено од полициски службеници, дополнително ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција. Со оваа одлука се ограничува и бројот на дежурни аптеки и надлежните институции на назначат аптеки кои ќе дежураат во рестриктивниот период. Такси-компаниите се задолжуваат да воведат дежурства со ограничен број возила, а индустриските капацитети се задолжуваат своето работно време да го прилагодат согласно забраната за движење.

Исклучоците од ограничувањето на движењето ќе важи за вработените во армијата и полицијата, потоа за одредена група вработени во здравството,  контролата на летање во МНАВ, основното јавно обвинителство, дистрибутерите на стока и храна, вработените во обезбедување и вработените во телевизиите. Доколку постои потреба од итност листата на субјекти може да се надополни, по претходна согласност од страна на МИОА.

Дозволата за движење во наведениот период ќе ја издава Министерството за информатичко општество и администрација во пишана и електронска форма и чија веродостојност ќе се потврдува преку баркод. Оваа потврда е задолжителна и за останатите категории кои беа опфатени со одлуката на владата, а кои се дел од исклучокот за ограничување на движењето, односно интервентните екипи во ЕВН, телекомуникациските оператори, Водовод и јавните комунални претпријатија.  Овој систем за издавање на електронски и печатени дозволи ќе профункционира најдоцна утре.

Полициските службеници контролата на ограничувањето на движењето на граѓаните ќе ја спроведуваат преку патролно обезбедување и преку поставување на пунктови на одредени локации на територијата на целата држава. Полициските службеници ќе патролираат со обележани полициски возила со звучни и светлосни команди за предупредување на граѓаните.

Во спроведување на контролите активно ќе бидат вклучен униформираниот  и оперативниот, односно цивилниот дел на полицијата кој има полициски овластувања.

Лицата кои ќе ја прекршат одлуката на владата на ограничување на движењето ќе бидат спроведени во полициска станица и кон истате ќе се поднесат соодветни пријави.

„Уште еднаш сакам да потенцирам дека овие одлуки се донесени со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните на нашата земја и поради тоа што мерките што беа претходно донесени не беа во целост почитувани од одреден број граѓани. Затоа беше нужно од воведување на овие порестриктивни мерки. Ги повикувам граѓаните да ги извршуваат своите обврски согласно дадените препораки, согласно упатствата на медицинските лица и секојпат кога излегуваат да користат заштитни маски и ракавици и да избегнуваат блиски контакти со други лица“, вели во видеоизјавата министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, во која објаснува што оваа мерка подразбира.

Поврзани новости