Група од четири – пет коњи кои сами си шетаат низ Кавадарци, во близина на градската болница, среде пат, со години е секојдневие за кавадарчани.
Коњите секое утро сами одат во дворот на болницата, каде што пасат, а потоа во вечерните часови, исто така сами, без придружба си заминуваат, најверојатно во своето живеалиште.
Нивниот сопственик, до толку ги истренирал, што воопшто не се појавува, и сигурен во нивната добра ориентација, ги оставил сами да си го наоѓаат патот.
Граѓаните вознемирени од овие слики реагираа до нашата редакција, апелирајќи надлежните служби да го најдат сопственикот на коњите, и да не дозволат вакво нешто да се случува во иднина.
,,Денес бев во здравствениот дом, рано наутро, кога пред автомобилот ни излезе коњ, на среде пат. Се преплашивме, можевме да го удриме. Останатите коњи ги забележавме во дворот на болницата, како пасат.
Се случува и навечер, кога е веќе темно, да излезат на патот. Тоа трае со години, цело Кавадарци знае, но никој не реагира. Треба ли некој да удри во нив? Тоа дека не можеш да пуштиш дете по улицата, веќе е друга приказна” – вели загрижена мајка која што го носела своето дете на лекар утринава.
На патот каде што коњите постојано минуваат има голема фреквенција, бидејќи ги поврзува Неготино и Кавадарци. Низ него минуваат и патници од други места, кои што не се предупредени дека може да налетаат на коњи, посебно ноќе, кога видливоста е намалена.
Од Полициската станица во Кавадарци велат дека никој досега официјално не се пожалил од коњите, иако е јавна тајна нивното слободно шетање низ градот. Додаваат дека болницата е таа која што треба да си превземе иницијатива, бидејќи коњите се најчесто во нејзиниот двор.
,,Секако дека се работи за загрозување на безбедноста во сообраќајот, но никој досега не ни се обратил, затоа и не реагираме” – тврдат од ПС Кавадарци.
Во земјава во изминативе години се имаат случено голем број на сообраќајни несреќи предизвикани од животни на патиштата. Лани млада жена загина откако нејзиниот автомобил удри во коњи на патот Скопје – Тетово. Пред две години, исто така загина млада жена, по удар во крава на автопатот Градско – Скопје. Голем е бројот и на луѓе кои што завршиле со тешки повреди и оштетени автомобили од ваквите средби по патиштата.
Вики Клинчарова