Интервјуто е објавено во 925. број од неделникот „Фокус“ на 22. март 2013 година
Чедомир Дамјановски е единствениот активен член на Лустрациската комисија, кој е предложен од редовите на опозицијата. За „Фокус” говори дека е зачуден од одлуките на уставните судии и открива оти токму претседателот на Лустрациска, Томе Аџиев, е еден од авторите на Законот за лустрација. Дамјановски предупредува дека лустрацијата наместо прочистување на институциите станала прочистување на нацијата и смета дека парите се проблемот, зошто сѐ уште немаме закон за рехабилитација на жртвите на комунистичкиот режим!
ФОКУС Како ја коментирате одлуката на Уставниот суд привремено да не го стопира Законот за лустрација и со тоа самиот процес како што се бараше во една од иницијативите?
ДАМЈАНОВСКИ Не ја коментирам одлуката, го коментирам ставот на судиите од Уставниот суд. Очигледно е дека во овој закон има масовно кршење на човековите права, како пресумпцијата на невиност и непочитувањето на двостепеноста во постапките. Тоа се уставни категории и тука нема потреба од филозофии и нема потреба судиите да се подготвуваат за да видат дали законот е уставен. Можеа едноставно да стават привремена мерка и другите прашања да ги проучуваат.
ФОКУС Зошто немаше привремена мерка?
ДАМЈАНОВСКИ Тоа ќе мора да ги прашате судиите, не сакам да влезам во шпекулации. Сепак, нивната одлука ме чуди и не знам што проблем ќе беше ако донесеа привремена мерка.
ФОКУС Потребна ли му е подготвителна седница на Уставниот суд во врска со Законот за лустрација, со оглед на тоа што судот веќе одлучуваше по најголем број од одредбите што се оспорени?
ДАМЈАНОВСКИ Со оглед дека прекршувањето на човековите права е толку очигледно, не им е потребна. Објавување на имињата, бркање од работа и симнување од избирачки списоци без судска одлука – тоа се сѐ кршења на Уставот и секој правник го знае тоа, а камоли судија на Уставен. Претпоставуваме дека тоа се врвни правници на кои не им треба многу проучување. Можат со еден поглед да го блокираат законот.
АЏИЕВ ГО ПИШУВАШЕ ЗАКОНОТ?!
ФОКУС Според праксата до подготвителната седница ќе поминат два месеца, а потоа следи редовна седница на која треба да одлучуваат судиите и за неа најверојатно ќе се чекаат уште два месеца. Излегува дека одлуката ќе ја добиеме при крајот на годината и прашање е – може ли во овој случај да зборуваме за одложување на одлучувањето мотивирано од политички цели, со оглед на тоа што Уставниот суд е со променет состав за разлика од последниот пат кога одлучуваше?
ДАМЈАНОВСКИ Нема врска што овие судии не одлучувале претходно во носењето на одлуките на Уставниот суд. Па, по неколку години ќе дојдат нови судии и тие ли ќе треба да ја разгледуваат оваа одлука? Тоа е веќе конечна и извршна одлука. Нема потреба експерти да им објаснуваат на судиите на Уставен дека пресумпцијата на невиност и двостепеноста на постапките се уставна категорија. Ако тоа бараат да им го објаснат, јас им се чудам на тие судии!
ФОКУС Мислите ли дека тоа е апсурдно?
ДАМЈАНОВСКИ Па, апсурдно е! Тоа го знае и семкар на улица, дека мора судот да биде тој што ќе пресече. А со решението на Лустрациската комисија има големи реперкусии кон наводните соработници. Е сега, тоа ли треба да им се објасни на уставните судии? Тоа е зачудувачки!
ФОКУС Претседателот Томе Аџиев во последното ТВ-интервју Ве критикуваше зошто сте ги коментирале одлуките на Уставниот суд. Што би му одговориле?
ДАМЈАНОВСКИ Аџиев за себе сам си зборува со неговите изјави. Тој рече дека пресумпцијата на невиност не е проблем и таа не постои во законот.
ФОКУС Тоа го рекол?!
ДАМЈАНОВСКИ На телевизија има изјавено дека ова е најдоброто законско решение во врска со лустрацијата.
ФОКУС Значи Вие ја толкувате изјавата…
ДАМЈАНОВСКИ Па, тој учествувал во пишувањето на законот, само не сака да каже. И затоа го брани овој текст што е неуставен, понеуставен закон не сум видел.
ФОКУС Знаете дека тој е учесник во пишувањето на законот или претпоставувате?
ДАМЈАНОВСКИ Да, сигурно! Бидејќи тоа и на седница сум му го кажал и тој не се противеше, не рече дека не бил дел од тимот што го пишувал. Тој заедно со една работна група во Министерство за правда работеле на законот и Аџиев ги давал овие предлози. Аџиев е еден од пишувачите на последната верзија на законот.
„СКОПСКО” И СЕ Е МОЖНО
ФОКУС Во јануари 2013 ви истекува мандатот како членови на комисијата. Од една страна има шпекулации дека токму одолжувањето на одлуката на Уставен е во корелација со овој датум, бидејќи власта сака да ја затвори комисијата, иако таа треба да работи до 2019 година. Наводно Лустрациска си „ја завршила работата”. Во прилог на ова оди и фактот дека тешко ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, односно поддршка од опозицијата. Остварливо е ова сценарио, и, што мислите, Ве подготвуваат ли за пензија?
ДАМЈАНОВСКИ Со оглед на она што е важечко, комисијата треба да постои уште шест години. Меѓутоа, како што ние велиме – „скопско” и сѐ е можно. Со таа подготвителна седница на Уставниот суд не се покренува прашањето за потребата од законот и од комисијата, има други четири точки коишто се дискутабилни. А дали мислат да ја укинат комисијата и да го укинат законот, навистина не знам. Реков, „скопско” и сѐ е можно!
ФОКУС Во јануари ќе треба опозицијата да го обезбеди двотретинското мнозинство за да се изгласаат новите членови. Не верувам, по сѐ што се случи дека таа би се сложила да гласа нов состав…
ДАМЈАНОВСКИ Доколку Уставниот суд ги симне овие неуставните одредби и доколку лустрацијата се спроведува онака како што е замислена – да се прочистуваат институциите а не да се прави реваншизам. Тогаш мислам и опозицијата ќе учествува.
ФОКУС Сепак, искуството од лустрацијата не е баш најпријатно за опозицијата.
ДАМЈАНОВСКИ Пак ви велам, ако законот се применува за прочистување на институциите, тогаш ќе нема проблем. Ние не ги прочистуваме институциите, ние ги прочистуваме пензионерите. Видете го списокот на лустрирани, од четириесетина души, преку 70 отсто се поранешни функционери. Тие ексфункционери, без разлика што повеќето се пензионери, ако случајно сакаат да се кандидираат за некоја функција, тогаш како кандидати ќе бидат проверени.
ФОКУС Не мислите дека постои тенденција да се лустрираат поранешни функционери?
ДАМЈАНОВСКИ Зошто се прави тоа, навистина не знам. Но, тоа не е целта на законот. И резолуцијата на Советот на Европа и Венецијанската комисија, сите велат дека лустрацијата не смее да биде реваншизам. Целта е да се отстранат полициските соработници од институциите и толку.
УПРАВНИОТ СУД МОЖЕ ЗА 10 ДЕНА ДА ДОНЕСЕ ОДЛУКА, А ЧЕКА ШЕСТ МЕСЕЦИ!?
ФОКУС Управниот суд мора во итна постапка да решава за тужбите на оние што веќе сте ги лустрирале, а некои од нив фатија прашина во фиоките бидејќи се пратени уште летоска. Зошто Управниот суд тактизира?
ДАМЈАНОВСКИ Зачудувачки е и тоа. Законот бара за изборите ние да ги провериме илјадниците кандидати за 24 часа, а Управниот суд за еден човек не може да реши повеќе од шест месеци. А предметот го работат правници, судии. Треба да шпекулирам зошто се случува тоа. Порано се вадеа со тоа дека судиите немаат безбедносни сертификати за да може да ги гледаат досиејата. Е сега, сите ги имаат тие сертификати и навистина е прашање зошто не ги решаваат случаите веќе шест месеци. Што е проблемот, дали имаат страв да решаваат?
ФОКУС Добро, според Вас што значи тоа итна постапка?
ДАМЈАНОВСКИ Кога ние ќе донесеме решение и кога тој документ лустрираниот ќе го утужи во рок од пет дена, треба да се обратат до нас да им ги дадеме документите врз основа на кои сме одлучиле дека човекот соработувал со тајната полиција. Не им требаат повеќе од десет дена за да решат случај!
ФОКУС Зошто бурно реагиравте кога дознавте дека претседателот Томе Аџиев пратил писмо до Собранието со кое бара да се разрешат опозициските членови на комисијата Јанаќе Витановски и Благоја Гешоски поради тоа што не присуствувале на три седници по ред?
ДАМЈАНОВСКИ Има многу причини зошто реагирав. Прва и основна причина е бидејќи претседателот не може сам да испрати писмо без комисијата да донесе таков заклучок, а тоа тој го стори. Во Законот пишува дека претседателот или тројца членови може да покренат постапка за одговорност на членовите доколку не присуствуваат на три последователни седници. Томе Аџиев испратил наредба, има документ како им забранил на службите да ги канат овие двајца лустратори на седниците, бидејќи претходно најавија дека се повлекуваат.
ФОКУС Смее ли да го направи тоа?
ДАМЈАНОВСКИ Апсолутно не смее! Тие се членови на комисијата додека не ги разреши Собранието без разлика на нивната оставка. Плус, како тие луѓе да дојдат на седница кога не се поканети? Тоа не е неоправдано отсуство, незаконска е неговата забрана да се канат. Тоа се избрани лица во Парламентот сѐ додека не се разрешени. Замислете, тој мене ми реагира дека не сум во право. Ако не сум во право, тогаш како тој за себе вели дека додека не го смени Собранието, тој ќе биде претседател иако му истекол мандатот?
ФОКУС Има ли сила на планетава Земја што може да го смени Томе Аџиев од местото претседател на комисијата за лустрација со оглед дека повеќе од две години му е истечен мандатот?
ДАМЈАНОВСКИ Околу две и пол години му е истечен. Ама власта и опозицијата не можат да се усогласат за да му изберат наследник и тој продолжува да ја води комисијата. Меѓутоа, да дообјаснам околу неговото писмо. Ако веќе иницирал постапка за овие двајца лустратори, тогаш треба да покрене и за други. Јас тврдам дека имаме тројца колеги, кои и по шест, седумпати не биле на седница и тоа се членови од „другата страна”.
НЕМА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ЗАШТО ТАА ЧИНИ ПАРИ
ФОКУС Дали вие како членови на комисијата сте побарале од Собранието да го почитува законот и да именува нов претседател и потпретседател?
ДАМЈАНОВСКИ Не можеме ние. Парламентот е законски обврзан да го менува претседателот.
ФОКУС Со оглед дека тука законот не е почитуван, дали се валидни одлуките потпишани од Томе Аџиев?
ДАМЈАНОВСКИ Мислам дека ќе беше поисправно откако му заврши мандатот, на одлуките барем тројца членови од комисијата да се потпишуваа. Меѓутоа, не сум сигурен дека сега се невалидни и не би се впуштал тоа да го коментирам.
ФОКУС И покрај тоа што партијата ЛДП, којашто Ве предложи во Лустрациска побара Вие да ја напуштите, исто како Гешоски и Витановски, Вие сепак одлучивте да останете до одлуката на Уставниот суд. Дали го сменивте ставот?
ДАМЈАНОВСКИ Апсолутно нема промена. Тие што ме предложија имаа легитимно право да побараат да се повлечам, заради тоа што процесот на лустрација е забеган. Јас се сложувам дека процесот е забеган, меѓутоа со мојата оставка ништо нема да решиме. Ќе продолжеше комисијата да си работи бидејќи ќе имаше кворум.
ФОКУС Аџиев е на истурена позиција во комисијата, сепак колку според Вас и другите Ваши колеги имаат одговорност за тоа што лустрацијата е забегана, како што велите?
ДАМЈАНОВСКИ При донесување на одлука јас барам во секој записник да се напише секој поединечно како гласал. Па, да си сноси одговорност секој за својот глас ако намерно, без да има факти гласал некој да биде лустриран. А повеќе од 40 записници не ни се усвоени, знаете ли што е тоа? Некој треба да одговара за тоа! Сме држеле седници и на наредните состаноци не сме ги усвојувале записниците и така во преку 40 случаи. А дали ќе одговараат? Па, би требало и тоа како. Знаете ли како е на некого да му нанесете срам и после да испадне дека не бил соработник?
ФОКУС Прашањето ми беше, дали само Аџиев е одговорен?
ДАМЈАНОВСКИ Аџиев го предлага дневниот ред, а јас и да предложам нешто друго нема да ми го усвојат.
ФОКУС Сакате да кажете дека така му паѓа аргументот дека е само прв меѓу еднаквите во комисијата?
ДАМЈАНОВСКИ Да! Го поддржуваат сите што се предложени од коалицијата на власт. Дури и самите членови на комисијата, во неврзани дискусии коишто си ги имаме викаат: да – можеби сме згрешиле за четири или пет случаи и сега си признаваат. Ама таа грешка не е мала. Ти на некого животот да му го смениш…
ФОКУС Зарем и такво нешто се случува – признаваат?
ДАМЈАНОВСКИ Да, да, ама во ходник, не јавно, јавно нема да признаат. Туку во разговор, на кафе ќе речат дека можеби згрешиле кај Ѓунер Исмаил, кај Владимир Милчин. А тоа се клучните што сме ги лустрирале!
ФОКУС Што би порачале за крај?
ДАМЈАНОВСКИ Лустрацијата треба да биде прочистување на институциите од лица коишто се внатре во органите, а кои порано кршеле човекови права. Бидејќи се претпоставува дека тие лица ако порано кршеле човекови права не може сега да продаваат демократија и можат да ги повторат делата. Тоа е процес на лустрација и на прочистување. Лустрацијата на поранешните функционери е прочистување на нацијата, а ние треба да ги прочистиме институциите. Нација никогаш не можеш да ја прочистиш! Не им држи аргументот дека со лустрацијата им помагаат на жртвите на кодошите. Нека донесат закон за рехабилитација и нека им се помогне на луѓето со пари.
ФОКУС Зошто не носат таков закон?
ДАМЈАНОВСКИ Па, треба да им се плаќа на жртвите. Рехабилитацијата предвидува обештетување, како што беше со Методија Андонов-Ченто!