Пишува
Синоличка ТРПКОВА
Нема ништо поскапоцено од тоа сета енергија, знаење, љубов и живот да ги вложуваш во нешто што го сакаш и во што веруваш. Ако си се посветил на една цел од која, директно или индиректно, и другите имаат „корист“ – си имал и визија.
Личности во историјата посветиле цели животи за работи без кои денес не можеме да го замислиме светот: Луј Пастер, Никола Тесла, Нелсон Мандела. Различни, а сепак исти зашто до крајот на животот тие биле посветени на целта.
Тие сигурно минувале низ искушенија, но никогаш не се предале ниту, пак, помислувале да најдат полесен и побрз начин за да заработат, да измамат, да им наштетат на другите, да злоупотребуваат, да си направат, на пример – златни тоалети.
А ЧИЗМИТЕ ГАЗАТ ЛИ, ГАЗАТ
Светот денес е поделен на креатори и на уништувачи. Првите се како мравки што заеднички работат и упорно се грижат за опстанокот на светот, а вторите се разурнувачи што газат и уриваат.
Дотаму дојде, да ги делиме луѓето на „мравки“ и на „чизми“. Сè уште можеме да видиме по некоја мравка, но наскоро и тоа можеби ќе биде невозможно. Зашто чизмата сака да царува вечно, што ќе ги принуди мравките да посегнат по последниот можен избор – инстинктот за преживување.
Коридорите, патиштата што водат некаде, ќе бидат прекинати, па тие ќе се повлечат за да не изгинат. Но, ќе отвораат нови подлабоки подземни патишта за да обезбедат опстанок на видот што верува во мачно и долго градење.
Мравката е силна зашто може да подигне неколкупати потежок товар од сопствената тежина и се одржува со упорноста и заедништвото. Колоните што таа ги прави покажуваат како опстанува нејзиниот вид.
Познавам луѓе-мравки, или атомски мравки како во цртаниот филм од младоста, во кој една силна мравка секогаш го победува лошото. Тие луѓе прават чуда, прават од ништо – нешто. Трпеливо, упорно и без исклучок тие ја даваат својата енергија и знаење обидувајќи се да создадат свет во кој сите ќе најдат место.
На нивниот пат им се придружуваат други, но и ги напуштаат. Сепак, колоната врви. А чизмите газат ли, газат, за да ја забават и сотрат колоната, да оневозможат да се оди напред заедно, да се пресече патот по секоја цена. Најголем дел од „чизмашите“ тоа и несвесно го прават зашто немаат ниту знаење, ниту искуство или зашто се оддадени на ниски и лесни страсти. Но, најмногу затоа тие заборавиле (или не научиле) да веруваат.
Кај нас има многу луѓе што се крстат, а многу малку вистински верници. Зашто животот кај нас стана таков, веруваме само уште во чуда. А поразувачки е кога човек не верува никому и во ништо, и за него, и за сите околу.
МРАВКИТЕ, СЕПАК, ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДА ПОСТОЈАТ
Замислете Никола Тесла да ги прекинел своите истражувања зашто му се смееле и го сметале луд!? Па, да оставел сè, да се врател „дома“ за да се ожени со богата девојка и да биде „учен“ службеник.
Или, Нелсон Мандела да клекнел на колена и да се откажел од борбата против апартхејдот зашто имал само еден живот – зар сиот да го мине в затвор?!
Или, Луј Пастер да помислил – какви вакцини, какви чуда, нека кршат глава луѓево, и онака премногу се, нека умираат зашто смртта е, сепак, „природна“ работа!
Каква би била денес оваа Земјина топка ако немало посветени луѓе – како мравки, а ако постоеле само луѓе со „силна“ волја, „цврста“ рака и со јак ѓон? Да се гази, да се пресече патот по секоја цена, да се демотивира, да се одземе и сосече надежта.
Да те пикнат в дупка, да те изолираат за да дигнеш раце од сè, па да речат: eте, гледате, сите се исти и лесно се купуваат (или продаваат). Taка чизмата однапред одлучила. Зашто кај нас луѓето-мравки обично завршуваат „под чизма“ или служат за потсмев и шегобијство поради нивната „вообразена големина“, „немоќ“ или „наивност“.
Најубавата и најчистата работа создадена од мравките – заедништвото, солидарноста, упорноста, кај нас е смешна, глупава, наивна и служи за потсмев. Ете зошто тешко ќе нè биде. Кај нас нема дури ни штурци што би можеле да ја научат мравкината лекција и да се превоспитаат.
И иако кај нас владее чизмата со единствен порив – да смачка сè што создава, верува, влева надеж, мравките, сепак, ќе продолжат да постојат и да ја вложуваат енергијата, знаењето, љубовта – животот, во нешто што, сепак, ќе го смени светот. За кое ќе сведочат некои идни генерации мравки!