Чижов: Спорот за името требаше да биде решен одамна

by Fokus

Освен што е амбасадор на Руската Федерација при ЕУ веќе 13 години, Владимир Чижов е и добар познавач на Балканот. Неговата прва амбасадорска позиција била токму во Атина, потоа во Кипар и во Босна и Херцеговина. Чижов бил специјален претставник на Русија за Балканот и заменик-министер за надворешни работи, пред да биде испратен во срцето на Европската Унија.

Во интервју за МИА тој говори за повеќе актуелни теми во Македонија: Договорот од Преспа, спорот за името, референдумот, обидите за руското влијание во евроатлантските аспирации, но и за регионот, пред се, за преговорите меѓу Србија и Косово за размена на територии.

„Всушност има три прашања комбинирани во едно, што, ми се чини, не е нешто што го предвидува Уставот на земјата. Да ви дадам поширока процена за тоа што го мислам. Мислам дека решавањето на спорот помеѓу двете соседни земји, Македонија и Грција, требаше одамна да се случи. Ова требаше да се случи најмалку пред 20 години. И мислам дека по тој историски пат имаше многу можности, но сите се пропуштија. Не сакам да обвинувам никого, но тоа беа пропуштени можности. Сега, двете земји одлучија да го потпишат овој договор. Сметам дека решавањето билатерални спорови во билатерален формат само по себе е добра работа. Но, решавањето таков долгогодишен проблем треба да се заснова на три работи. Решението треба да се заснова на волјата на двата народи, треба да има добра уставна основа и, се разбира, да се заснова на широк консензус во двете општества. Се плашам дека ниту еден од овие услови не е исполнет. Ги видовте реакциите кај многу сегменти во општеството, во вашата земја и во соседна Грција. Денот кога се потпиша Договорот случајно бев во Атина, учестував на конференција организирана од „Економист“ (британски неделник, нз). Имаше обид да се изгласа недоверба за грчката Влада, што се очекуваше да не успее, и не успеа. Но, тензиите во Грција, на домашната политичка сцена, се еднакво силни како во Македонија, ако не и посилни.

Тоа е една работа. Другата работа е дека нема објаснување зошто сето ова се направи, овој обид, и мислам дека не е тешко да се претпостави. Очигледната цел беше да се повлече Македонија во НАТО најбрзо што е можно. Не во ЕУ, впрочем. Никој не зборува за скратен пат во ЕУ, и тоа нема да се случи. И мислам дека го знаете исто добро колку и јас. Но, НАТО… Ќе разберете дека мојата земја е постојано критична кон проширувањето на НАТО во кој било правец, а посебно на Балканот, затоа што блиската историја и улогата на НАТО низ годините ќе создаде дополнителни тензии“, рече Чижов.

Поврзани новости