Собранието не смогна сили да направи баланс во изборните единици. Нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас, но тоа треба да го оцени Уставниот суд. Ние ќе го спроведеме законот, вели претседателот на ДИК, Александар Чичаковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој уверува дека ДИК и институционално и оперативно и со човечки ресурси е спремна да организира и спроведе фер и демократски избори. Првиот човек на комисијата која ги спроведува изборите истакнува дека ДИК е фокусирана на градење на институционални капацитети за спроведување фер и демократски избори кои ќе бидат признаени од сите политички субјекти и потврдени од меѓународната заедница.
За сомнежите дека се злоупотребуваат гласовите на иселениците во претходните изборни циклуси и на пршањето, дали одвојување на 170 илјади гласачи на посебен список ќе го реши проблемот, Чичаковски вели:
– Со утврдување на овие 171 илјади лица за кои законодавецот и ние сметаме дека најверојатно се наоѓаат на привремена работа и престој во странство и со вградувањето за прв пат на фотографијата во Избирачкиот список, се намалува можноста за злоупотреба на нивното право на глас во Република Македонија. Тоа е уште еден механизам со кој се гради доверба во избирачкиот список за овие избори.