„Глупавиот и поглупавиот“ и Панчевски како „најглупавиот“!

by Fokus 11:51
11:51

Пишува: Александар ТОРТЕВСКИ

Бидна и тоа чудо. Партиите ги објавија кандидатските листи. Но, и покрај фактот што го познавам менталниот склоп и агонијата во која се наоѓаат владејачките партии, притиснати од реалната можност да ги загубат изборите, сепак морам да признаам дека малку бев изненаден со, не знам кој по ред, обид на владејачката елита да украде неколку стотици гласови преку поставување двојници на листата на СДПМ, со речиси идентично име и презиме, како и носителите на листата на опозицијата.

- Advertisements -
Banner 300x250_

Оваа кражба веќе беше спроведена неколкупати и со неа се запознаени сите релевантни фактори што ја оценуваат коректноста на изборниот процес. Но, власта во бунилото во кое се наоѓа, воопшто веќе не води сметка, ниту за сопствениот, ниту за угледот на државата.

ЕВТИНА КИБРИТЧИСКА ИЗМАМА

Обидот на ВМРО-ДПМНЕ преку криминалецот Бранко Јаневски да украде гласови, ме потсетува на антологиската сцена опишана од Јован Стерија Поповиќ во делото „Кир Јања“, кога главниот лик, кој цел живот бил опседнат со богатство и злато, веќе паднал на смртна постела. Неговото семејство, во согласност со традицијата, повикало свештеник со цел да му го олесни патот кон другиот свет и да го олесни од гревовите. Арно ама Кир Јања, иако во претсмртна агонија, кога го здогледал златниот крст со кој свештеникот мавтал пред неговото лице, со последните сили се обидел да му го украде крстот на попот.

Токму така се однесува и нашава власт деновиве. Иако е на заминување во историја, таа се обидува на другиот свет да понесе што е можно повеќе гласови, па макар биле украдени на најбезобразниот  начин, со евтина кибритчиска измама насочена кон најстарите гласачи, кои веќе не можат да ја забележат измамата и овој обид не смее да им се прости. Како од гласачите, така и од институциите задолжени за тоа.
Кога сме кај институциите задолжени да ги спроведуваат законите во државава, и оваа недела повторно главна ѕвезда во медиумскиот простор е претседателот на Кривичниот суд Скопје 1.
Навистина сметам дека просторов што „Фокус“ ми го додели со цел да ги изнесувам своите ставови за сериозни општествени проблеми и појави е толку драгоцен што не би требало да го трошам за маргиналци како Влатко Панчевски, попознат во јавноста како претседател на Кривичниот суд, затоа што луѓето од негов профил и капацитет со време едноставно атрофираат и исчезнуваат од јавната сцена поради немањето капацитет ни приближен на тој што го бара функцијата на која некој ги поставил.

Деновиве Влатко Панчевски, целосно на дело, го покажа односот на владејачката гарнитура кон правосудството и притисоците на кои се изложени судиите од страна на партиските комесари, чиј единствен квалитет е да ги спроведуваат партиските наредби, без притоа да водат сметка за личноста и достоинството на колегите, а уште помалку на обичните граѓани што секојдневно талкаат по судските ходници, безуспешно обидувајќи се да дојдат до правдата.

СУДОТ КАКО ШОПИНГ-МОЛ

Навистина, полемиката и прашината што се разви околу овој навистина смешен лик ја сметам за многу корисна. Никој подобро и посликовито од Влатко Панчевски не успеал на јавноста да ѝ го прикаже капацитетот на партиските комесари задолжени да го водат судството. Едноставно сега маските паднаа и на површина исплива целиот гнилеж со години таложен во правосудството. Гнилеж, деновиве олицетворен во веројатно најтапиот лик што го поминал судскиот праг.

Претседател на суд јавно да каже дека сите судии во судот што тој го раководи ја делат правдата исто како да водат гранапче и дека правото се продава во неговиот суд, а тој упорно молчел на тоа, е само добар мотив за продолжување на филмскиот серијал „Глупавиот и поглупавиот“, со тоа што сега се бара најглупавиот, а тоа може да биде само Панчевски, кој со силата на неговата „интелигенција“ забележал дека  судиите имале чешми од кои печалеле и кои тој сега ги затворил и за тоа се создало незадоволство!

Па, што си чекал досега, бре, најглуп еден? Си чекал судот да се претвори во шопинг-мол? Зошто реагираш токму сега кога ти укажуваат дека си го приватизирал судот како селска авлија или имот вратен во денационализација? Иако не сакам да бидам арбитер во овој конфликт, сепак морам да кажам дека реакцијата на 15-те судии што потпишаа петиција до Републичкиот судски совет беше многу коректна и воздржана.

Тие едноставно се побунија за злоупотребата на судот и неговата официјална интернет-страница за приватни војни што ги води Панчевски против колеги судии. И тука се потполно во право. Ниту сајтот на судот е негова сопственост, ниту судот го има добиено во денационализација. Неговата хистерична и, би рекол, непресметлива реакција само го покажува неговиот страв дека прашање на време е кога неговите колеги ќе смогнат сила да проговорат за многу поголеми злоупотреби од присвојувањето на сајтот на судот.

Поврзани новости